İdris Okuducu
24 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ЕРБИЛ (АА) - Премиерот на Регионалната курдска управа во северен Ирак (IKBY), Нечирван Барзани, изјави дека се подготвени да отворат нова страница, со цел да се најде решение за проблемите помеѓу Ербил и Багдад, јавува Anadolu Agency (AA).
Барзани за новинарите во Ербил изјави дека моменталните воени операции на ирачките сили сепак претставуваат пречка за таквата иницијатива.
„Проблемите со Багдад сакаме да ги решиме во рамките на Уставот. Подготвени сме за нова страница, и во таа смисла планираме да испратиме делегација во Багдад за да се разговара за ова прашање“, рече Барзани.
Сепак, тој не го прецизираше датумот кога планираат да ја испратат споменатата делегација во Багдад.
„Сега очекуваме одговор од Багдад“, нагласи Барзани.
Потсетуваме, во судирите на ирачките безбедносни сили и пешмергите на патот Киркук-Ербил во саботата загинаа и беа ранети над 150 лица.
Жестоките судири започнаа во петокот, а пешмергите тврдат дека загинале повеќе од 150 припадници на ирачките сили. Наведоа и дека загинале шестмина припадници на пешмергите.
Откако ирачките безбедносни сили воспоставија контрола над местот Алтинќопру, во Киркук почнаа да се приближуваат и на позициите на пешмергите поради што дојде до судири. Ирачките сили користат тешко вооружување на што возвраќаат и пешмергите.
Киркук е град со нерешен административен статус уште од американската инвазија на Ирак, а средиште на нова безбедносна и политичка криза стана откако Регионалната курдска управа во северен Ирак на 25 септември спроведе нелегитимен референдум за независност.