АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, вчера рече дека ирачките поплаки кон Советот за безбедност на ОН, поради турското распоредување на трупи во северен Ирак „не е искрен чекор“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Канцеларијата за печатот на ирачкиот премиер, на ирачкиот министер за надворешни работи му е наложено да поднесе поплака во врска со присуството на турските трупи во Башира, во близина на Мосул.
„Тие може да се обратат на Советот за Безбедност на ОН“, рече Ердоган зборувајќи на турската телевизија. „Тоа е нивно природно право, но не претставува искрен чекор“.
Околу 150 турски војници и 20-тина тенкови беа распоредени во близина на Мосул на 4-ти декември, за да ги заменат единиците за тренинг кои веќе беа во областа, што доведе до тензии помеѓу Анкара и Багдад.
„За време на посетата на Турција во 2014 година, (ирачкиот премиер Хајдар ал-) Абади побара (турски трупи) за тренинг,“ рече Ердоган. „По тоа барање, ние го изградивме Башика кампот. Тие знаеа за сето тоа.“
„Тоа (турските трупи) се тренинг тимови а не борбени сили“, рече Ердоган, додавајќи дека тренинг програмата е дел од борбата против ДАЕШ.
„Мислам дека оваа (поплака на Ирак во ОН) е резултат на потезите на Русија и Иран во регионот“, додаде тој.
Претседателот рече дека Иран, Русија и Ирак се вклучени во „виртуелно формирање на секташка власт“ во регионот.
Ердоган се обрати и за соборениот руски авион на 24-ти ноември, за кој Анкара рече дека го наруши турскиот воздушен простор и покрај предупредувањата.
Ердоган ги отфрли размислувањата дека рускиот авион е соборен со знаење и координација на Вашингтон. „Не постои такво нешто. Но секако, ги информиравме отпосле“, рече тој.
Ердоган рече дека тоа не е прв пат Русија да го наруши турскиот воздушен простор.
„Тие го сторија истото во Црното Море, пред една година. Го нарушија (турскиот воздушен простор) во траење од 15 минути. Авионот се следеше, но не беше даден таков одговор. Потоа повторно го сторија истото во Сирија, и уште еднаш го повторија истото,“ рече тој.
Тој додаде дека Русија не е вклучена во „сериозна борба“ против ДАЕШ, во ниту еден дел од земјата.
„(Русија) ги напаѓа туркменските населени места, но за жал, руските авиони не гаѓаат онаму каде што е присутен ДАЕШ,“ рече тој, додавајќи дека Турција ги дели „ со целиот свет“ своите информации за локациите на вооружените групи во Сирија, кои, рече тој, „целосно се поклопуваат со податоците на НАТО“.
Како резултат на соборувањето на авионот, Русија најави серија економски санкции кон Турција и презеде мерки за зајакнување на својата позиција во Сирија во близина на турската граница.
Ердоган рече дека Турција бараше де-ескалација на состојбата.
„Како и да е, колку што можам да забележам, Русија и понатаму инсистира на тензии,“ рече тој. „Мислам дека (рускиот претседател Владимир) Путин продолжува со емоционалното однесување. Најидеалното нешто е да се продолжи во рамките на дипломатијата, почитувајќи ги меѓународните закони,“ рече тој.
Тој нагласи дека Турција има пристап до други пазари со што ќе ги потисне последиците од руските економски санкции.
Ердоган го потсети ТВ аудиториумот дека било каков напад против Турција е напад против НАТО.
Tој, исто така, ги побива обвинувањата дека тој и неговиот син се вмешани во купување нафта од ДАЕШ, додавајќи дека изворите за купопродажба на нафта на Турција се многу добро документирани.
Тој додаде дека Анкара заплени 79 милиони литри криумчарена нафта во 2014 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
