İlhan Toprak
11 Декември 2015•Ажурирај: 11 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по состанокот во Анкара со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ и Бакир Изетбеговиќ, изјави дека Турција секогаш ќе биде покрај БиХ на сите полиња, јавува Anadolu Agency (АА).
„Во потполност верувам дека народот на БиХ и во следниот период ќе продолжи да изразува единство во борбата против тероризмот. Тероризмот нема вера ниту нација. Турција секогаш ќе биде покрај БиХ и пријателите во борба против тероризмот“, рече Ердоган.
На конференцијата за новинари Ердоган изјави дека денешната посета ќе ја разбуди соработката и ќе ги зајакне односите помеѓу Турција и БиХ.
„На состаноците кои ги имавме денес уште еднаш нагласивме дека Турција е покрај БиХ на сите полиња. Уште еднаш изразивме поддршка на БиХ на патот на интеграција со европските институции, како и на евроатланскиот пат. Сакам да нагласам дека Турција и понатаму, во добро и во зло, ќе биде покрај БиХ на сите полиња“, рече Ердоган.
Потенцираше дека е потребно додатно проширување на соработката помеѓу Турција и БиХ.
„Се сложивме во поглед на потребите за проширување на опсегот на меѓусебната соработка. Сакам да кажам дека сме решителни да продолжиме со заедничките активности со БиХ на сите полиња, вклучувајќи ја политичките, економските, трговските и воените односи“, истакна турскиот претседател.
На прашањето за увезување на месо од БиХ во Турција, Ердоган одговори дека Турција и во 2016 година ќе продолжи да ги увезува ветените 15 илјади тони месо.
„Во врска со прашањето за увозот на 15 илјади тони месо нашиот соговорник е претседателството на БиХ. Не можевме да ја увеземе целата количина месо оваа година, но во 2016 година ќе продолжиме со увоз на тоа месо“, рече Ердоган.
Членовите на Претседателството на БиХ во тек на средбата со Ердоган кажаа дека БиХ и Република Турција се пријателски земји, кои немаат отворени политички прашања.
„Истакнаа дека економската соработка е на високо ниво, со можност за унапредување и заеднички настап на трет пазар. Членовите на Претседателството на БиХ искажаа благодарност до претседателот Ердоган, функционерите на Република Турција и на турскиот народ, за континуираната поддршка која Република Турција им ја пружа на сите граѓани на Босна и Херцеговина“, се наведува во соопштението на Претседателството на БиХ.
На состанокот е разговарано и за Блиско-источната, хуманитарна, политичка и безбедносна криза, како и за модалитетите на нејзино решавање.