Safvan Allahverdi
24 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) најавија нови санкции кон мјанмарската војска поради насилството над муслиманското малцинство Рохинџа, во јужниот дел на покраината Аракан (Rakhine), јавува Anadolu Agency (AA).
„Императив е сите поединци и колективи да ги сносат последиците за одговорност во врска со насилствата во покраината Аракан. Ја изразуваме нашата длабока загриженост поради ситуацијата во тој регион и поради насилството со кое се соочува малцинската заедница Рохинџа“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.
Истакнувајќи дека американската администрација разгледува кои нови санкции да ги воведе кон одговорните за кризата во Бурма, како што официјален Вашингтон го нарекува Мјанмар, Нојерт истакна дека тоа би можеле да бидат санкциите „Global Magnitsky“ по примерот на санкциите кои САД пред осум години ги воведе кон руски официјални лица одговорни за смртта на Сергеј Магнитски.
САД веќе воведоа низа санкции кон мјанмарските безбедносни сили, а Вашингтон од Владата на оваа земја бара да им овозможи на претставниците на Обединетите нации пристап до кризното подрачје.
„Владата и вооружените сили на Бурма итно треба да ги преземат сите неопходни мерки за да се запре насилството и да се овозможи снабдувањето со хуманитарна помош, како и да се овозможи враќање на бегалците од Аракан. Статусот на малцинските заедници во тој регион треба да се реши во согласност со препораките за давање право на државјанство, и дека САД се подготвени да ги поддржат таквите напори“, рече Нојерт.
Араканските муслимански Рохинџа веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочува со нов бран насилство во регионот Аракан, Мјанмар.
Под изговор за борба против милитантните групи, војската на Мјанмар уништи најмалку 200 муслимански села, од кои најмалку 603.000 мештани беа принудени да побегнат кон соседниот Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународни организации, не е возможно да се зборува за прецизен биланс на настрадани во нападите врз муслиманските населби. Министерот за надворешни работи на Бангладеш, Абдул Хасан Махмуд, претходно изјави дека убиени се најмалку 3.000 муслимани.