Büşra Selvi Öğütcen
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - По нападите што во октомври беа изведени врз граничните караули на Мјанмар, во покраината Аракан, армијата изврши напади врз селата во кои живеат претставници на муслиманите од заедницата Рохинџа (аракански муслимани). Во нападите врз селата на заедницата Рохинџа, убиени се 28 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите што се појавија на официјалните медиуми, во саботата во заседа загинаа двајца војници и шестмина напаѓачи. Во информациите се вели дека по нападите во регионот, извршени се воздушни напади во кои животот го загубија 28 претставници на араканските муслимани.
Според веста објавена од страна на „Би-би-си“, владата на Мјанмар признава дека извршила воздушен напад со воени хеликоптери врз селата во кои живеат араканските муслимани.
Активистите, кои се обидуваат да ги заштитат правата на араканските муслимани, велат дека владата се обидува систематски да ги исели араканските муслимани од селата.
Хјуман рајтс воч (HRW) во својот извештај за периодот од 22 октомври – 10 ноември ги објави сателитските снимки на кои може да се забележи дека се запалени 430 села.
По посетата на градовите Маунгдав и Бутидаунг во Аракан, делегацијата на Обединетите нации од владата побара да поведе независна истрага во врска со обвинувањата дека по нападите, војската ги силувала и ги убивала жените на араканските муслимани.
Во покраината Аракан, на 9 октомври беше извршен напад врз граничните караули, во кои животот го загубија 29 лица, од кои 13 припадници на безбедносните сили. Во врска со нападот беа приведени 78 лица. По нападите, во подрачјето беа испратени голем број војници и полицајци, по што избија повеќе судири. Во подрачјето на судирите, не им беше дозволен пристап на претставниците на медиумите и на хуманитарните организации. Во соопштението на Канцеларијата за информации на Аракан се вели дека повеќе од 3.000 аракански муслимани поради судирите биле принудени да ги напуштат своите домови.
Владата на Мјанмар соопшти дека зад нападите врз граничните караули стојат претставниците на организацијата Ака Мул Муџахедини, кои се дел од Организацијата за солидарност со Рохинџа. Муслиманските организации во земјата ги осудија овие напади.
Според Обединетите нации, араканските муслимани (заедницата Рохинџа) кои се мнозинство во градовите Мунгдав и Јатхау Таунг, во близина на граничните караули, се заедница која е најмногу прогонувана и малтретирана во светот.