Dildar Baykan
25 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Војската на Мјанмар и будистичките милитанти продолжуваат со своите напади врз араканските муслимани, поради што араканските муслимани се борат за своите животи од двете страни на границата помеѓу Мјанмар и Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Под изговор дека се бори против извршителите на истовремените напади врз полициските станици во градот Мунгдау, кои се случија на 25 август, мјанмарската војска спроведува масакр во местата каде што муслиманското население е малцинство, палејќи и уривајќи ги нивните домови.
За да си го спасат животот, араканските муслимани минуваат низ планински предели, по тешки и опасни патишта, за на крајот да пристигнат во соседен Бангладеш по морски пат или минувајќи ја реката Наф.
Според последното соопштение што го објавија Обединетите нации, од 25 август досега во Бангладеш се засолниле повеќе од 600.000 аракански муслимани. ОН посочува дека уште десетици илјади цивили се на пат кон соседен Бангладеш.
Мјанмарската војска и будистичките милитанти ги палат селата на араканските муслимани. Од добиените сателитски снимки може да се забележи дека досега се запалени и уништени околу 300 села на араканските муслимани.
Министерот за надворешни работи на Бангладеш, Хасан Махмуд Али, соопшти дека на 10 септември, во Аракан се убиени најмалку 3.000 аракански муслимани. Поради фактот што раководството на Мјанмар не дозволува ниту влез, ниту излез од подрачјето, не може со точност да се одреди бројот на убиените цивили.
Араканските муслимани кои насилно се протерани од своите домови, пеш бегаат кон Бангладеш, и притоа немаат пристап до чиста вода за пиење, па исцрпени, гладни и болни пристигнуваат до границата.
Бегалците се сместуваат во камповите во градот Кокс Базар, Бангладеш, кои немаат соодветни услови за живот, а со постојаниот прилив на нови бегалци, состојбата се влошува.
- „Мјанмарската војска за цел ги зема младите и образовани аракански муслимани“ -
Претседателот на Араканскиот совет на Рохинџа (ERC), д-р Хиа Кјав, за АА даде изјава во којашто зборува за моменталната состојба.
Кјав истакна дека араканските муслимани кои не пребегале во Бангладеш се изложени на опасност во Мјанмар. „Во Аракан имаме самоволно приведување на муслиманите. Мјанмарската војска за цел ги има младите и образовани аракански муслимани“, додаде тој.
Околу планот на Владата на Бангладеш араканските муслимани да ги смести на островот Тенгар Чар, Кјав рече: „Тоа не е вистински чекор. Мислам дека Владата на Бангладеш тоа нема да го направи, бидејќи островот не нуди соодветни услови за живот.
- „Во сопствената земја можат да создадат простор за живот” -
Генералниот директор на Унија на аракански Рохинџи (ARU), д-р Вакар Удин, истакна дека е потребно араканските муслимани да се вратат во својата земја. „Араканските муслимани кои преминаа во Бангладеш имаат своја земја во Мјанмар. Можеби домовите им се уништени, но земјиштето стои. Овие луѓе треба да се вратат во своите домови“, процени д-р Удин.