Ömer Faruk Yıldız
09 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Од воениот удар во Мјанмар, најмалку 800 војници ја напуштија Армијата за да им помогнат на групите против пучот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Капетанот Лин Хтет Аунг, кој ја напушти Армијата во март за да се спротивстави на пучот, во интервју за веб-страницата „Myanmar Now“ даде детали за персоналот што ја има напуштено Армијата на Мјанмар од 1 февруари.
Аунг, наведувајќи дека добил информација дека најмалку 800 лица ја напуштиле Армијата за да ги поддржат движењата против пучот, рече:
„Три четвртини од оние што заминаа се приклучија на Армијата за народна одбрана, што беше основана од цивилната влада против пучот. Останатите сакаат да ги поддржат противниците на пучот без да се приклучат на вооружена група.“
Нагласувајќи дека околу 100 лица кои ја напуштија Армијата се со чинови, Аунг истакна дека некои од овие луѓе ги обучуваат бунтовниците во провинциите што се под контрола на етничките вооружени групи.
Аунг истакна дека мнозинството од оние што ја напуштија Армијата на Мјанмар се персонал на морнарицата и воздухопловните сили. „Персоналот на копнените сили често работи далеку од своите семејства. Тие се плашат да ги поддржат противниците на пучот. Стравуваат дека безбедноста на нивното семејство ќе биде загрозена ако ја напуштат Војската.“
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 857 цивили го загубија животот.
Додека во земјата се одржуваат демонстрации што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.