Admir Fazlagic
02 Март 2016•Ажурирај: 03 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) -Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преку писмено соопштение информираше дека е побарано одлагање на главната расправа за предметот Пуч, од причина што, како што наведуваат од СЈО, и покрај тоа што беше побарана од судот копија од сите докази кои се потребни за да може ова Јавно обвинителство да се впушти во главна расправа, сепак до денес Судот не постапил по ваквото барање на СЈО, јавува Anadolu Agency (AA).
"Појаснуваме дека првото наше барање кон Судот за достава на копии од списи и електронски докази е упатено на ден 21.12.2015 година и истото е прецизирано со барање од 09.02.2016 година. Барањето е поднесено во смисла на членот 81 од ЗКП, кој ја уредува меѓуинституционалната соработка. Судот и после две наши ургенции со кои е укажано на неопходноста од доставување на копии, дури на ден 29.02.2016 година донел Решение со кое го одбива нашето барање за доставување копии на списи и електронски докази. Ве известуваме дека ваквото решение е обжалено, од причина што сметаме дека наводите на Судот врз основа на кои е одбиено нашето барање во целост се неосновани", пишува во соопштението на СЈО.
Во продолжение на сооштението СЈО појаснува дека "со цел да можеме да се впуштиме во главната расправа нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да ги предочиме на обвинетите лица. "
"Начелата на акузаторност и легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлечувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова Јавно обвинителство да се впушти во главната расправа. Освен со начинот на постапување во предметот Пуч, Основниот суд Скопје 1 Скопје, ја отежнува работата на ова Јавно обвинителство и во сите други предмети во кои сме побарале предметите да ни бидат доставени на увид, поради што Ве известуваме дека од наша страна до Судскиот совет на Република Македонија ќе бидат поднесени претставки за ваквото работење на Судот", се појаснува во писменото соопштение на СЈО.
Во случајот „Пуч“ се обвинети лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Зоран Верушевски и неговата сопруга, како и порaнешниот вработен во тајната полиција Ѓорѓи Лазаревски, потоа Звонко Костовски, вработен во МВР, како и Бранко Палифров вработен во општина Струмица.