Aysu Biçer
20 Ноември 2026•Ажурирано: 20 Ноември 2026
Британскиот премиер Енди Бернам го опиша договорот постигнат на самитот меѓу Велика Британија и ЕУ како „победа за двете страни“, оценувајќи дека тој ја одразува желбата на јавноста за поблиски односи со Унијата по долгогодишната неизвесност по Брегзит, јавува Анадолу.
Говорејќи во Брисел по разговорите, Бернам рече дека договорот означува „добар ден за Велика Британија и добар ден за Европа“, аргументирајќи дека досегашните односи со ЕУ не функционираат ефикасно.
„Договорот што го постигнавме заедно е победа за двете страни и е во согласност со јавното мислење во Велика Британија. Луѓето гледаат дека сегашната состојба не функционира. Таа не е доволно добра за Велика Британија“, рече тој.
Повикувајќи се на анкетите според кои, три четвртини од Британците поддржуваат поблиски односи со ЕУ, Бернам рече дека јавноста сака подобар договор од постојниот аранжман по Брегзит.
„Тие сакаат подобар договор од 'тврдиот Брегзит' со кој завршивме. Денес заедно го постигнавме тој подобар договор“, додаде тој.
Бернам рече дека договорот би можел да придонесе за намалување на цените на прехранбените производи и за олеснување на финансискиот притисок врз домаќинствата преку намалување на трошоците поврзани со извозот.
Тој посочи и на можностите за намалување на цените на електричната енергија преку поблиска соработка со ЕУ.
Во однос на економските ефекти, Бернам рече дека процените на британското Министерство за финансии укажуваат оти договорот би можел да го зголеми бруто-домашниот производ на земјата за најмногу 0,5 проценти, што одговара на 17 милијарди фунти (22,30 милијарди долари).
Тој го опиша договорот како најголемата поединечна мерка за поттикнување на економскиот раст што Владата може да ја преземе во текот на актуелниот парламентарен мандат, изразувајќи уверување дека ќе донесе конкретни економски придобивки.
Бернам рече дека Владата постапила правилно што ја искористила оваа можност, нагласувајќи дека договорот ќе донесе практични придобивки за граѓаните и бизнисите во Велика Британија и Европа.