Ahmet Dursun
13 Февруари 2020•Ажурирај: 14 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Унијата на Рохинџа муслиманите од Аракан предупреди дека по одлуката на Меѓународниот суд на правдата за преземање на неопходните мерки за заштита на араканските муслимани, властите на Мјанмар сè повеќе ги кршат човековите права на луѓето во Аракан, а евидентно е и зголемување на насилството над нив, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Унијата соопштија дека информациите за зголемување на насилствата и притисоците над муслиманите од Аракан во изминатите некоколку недели се поткрепени со снимки и фотографии од неколку извори.
Истакнаа дека и покрај одлуката на Судот, Мјанмар да преземе мерки за спречување на геноцидот над муслиманите од Аракан, ситуацијата во Аракан е влошена.
Во соопштението се говори за кршењето на човековите права на тоа подрачје и за масакрите, и се додава дека во експлозија во Бутидаунг, што се случила на 7 јануари, загинале четири основци, а повредени биле седум деца и наставници. Во истото место на 25 јануари регистрирани се два случаи на силување, во кои учествувале припадници на Војската на Мјанмар.
Во напад на Војската на Мјанмар, изведен на 25 јануари врз Кин Таунг, загинале две жени, а седум лица се ранети.
Војската на Мјанмар на 3 февруари без образложение срушила две куќи во Бутидаунг, во кои живееле муслимани од Аракан.
Унијата на Рохинџа муслиманите од Аракан ја повика Организацијата за исламска соработка (OIC) и меѓународната заедница да извршат притисок врз властите на Мјанмар за да се спроведе судската одлука за заштита на муслиманите од Аракан, но и дозволата за доставување на хуманитарна помош.
Рохинџа муслиманите, кои ОН ги опишаа како најзагрозено национално малцинство во светот, се соочуваат со сè поголем прогон и напади од 2012 година.
Настаните кои маката на араканските муслимани ја ставија во фокусот на светската јавност се случија на 25 август 2017 година.
Под плаштот на борбата против милитантните напади врз полициските пунктови, Војската на Мјанмар и будистичките милитанти тој ден започнаа брутални напади врз Рохинџа муслиманите во кои свирепо се убиени над 24.000 припадници на тоа малцинство.
Нападите прераснаа во класична форма на етничко чистење, а мјанмарската Војска запали стотици муслимански села. Според податоците на ОН, од август 2017 година од тој регион во соседен Бангладеш пребегаа над 900.000 муслимани.
Гамбија на 11 ноември 2019 година поднесе тужба за геноцид против Мјанмар.
Меѓународниот суд на правдата на 23 јануари 2020 година побара од Мјанмар да преземе мерки за превенција на убиствата и злосторствата над Рохинџа муслиманите.