Dejan Maksimoviç
16 Јуни 2016•Ажурирај: 17 Јуни 2016
ПАРИЗ (АА) - Најмалку 36 лица се уапсени вчера во Лил по судирите на француската полиција со навивачите на ЕУРО 2016, јавува Anadolu Agency (AA).
Француската полиција соопшти дека апсењата се случиле во текот на вчерашниот ден, додавајќи дека 16 лица поради повреди се пренесени во болница. Во вечерните часови интервентната полиција беше принудена да користи солзавец и да гони стотина англиски навивачи, кои ги гаѓале со факели и шишиња.
Илјада симпатизери на Англија и Велс престојуваа во Лил пред денешната утакмица на своите репрезентации во околниот град Ленс. Проблемот е тоа што вчера во Лил играa Русија и Словачка, па во градот биле и нивните симпатизери. За среќа до блиска средба на навивачите на овие репрезентации не дојде, но затоа англиските хулигани се судрија со полицијата. Британските медиуми известуваат дека сè уште не е јасна причината зошто би дошло до ескалација на судирите.
Европската фудбалска федерација (УЕФА), претходно, во текот на неделата го предупреди Фудбалскиот сојуз на Англија дека нивната репрезентација би можела да биде исфрлена од натпреварот доколку продолжи насилството од страна на навивачите. Англија е сега на стаклени нозе кога станува збор за закана со дисквалификација, што би можело да влијае на репрезентативците на „Гордиот Албион“.
Англија денес во 15:00 часот на стадионот „Bollaert-Delelis“ во Ленс ќе игра натпревар од вториот круг од групата „Б” против ривалот на островот Велс. Поради тоа во овој француски град, кој има над 30.000 жители, ангажирани се големи безбедносни сили. Најавено е дека натпреварот ќе го обезбедуваат најмалку 2.400 безбедносни службеници, а се очекува доаѓање на околу 40.000 до 50.000 англиски и велски навивачи.