Ivana Ramadanova
17 Декември 2015•Ажурирај: 18 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, годинава по осми пат се приклучи кон Глобалната акција за солидарност по повод Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, јавува Anadolu Agency (AA).
Од иницијативата информираа дека е голем бројот на сексуални работници, а истовремено е загрижувачка состојбата за безбедноста и условите во кои тие живеат и работат.
"На почетокот на оваа година беше спроведено регионално истражување кое говори за пристапот до правда на сексуални работници од 16 земји меѓу кои и Македонија а беа направени 320 интервјуа со машки, женски и трансродни сексуални работници. Резултатите од Македонија покажаа дека минатите искусва со полициското непостапување или малтретирање сериозно влијаело на одлуката сексуалните работници да не го пријават насилството од страна клиентите или нивните брачни партнери, со што се создаваат услови истото да продолжи, а сексуалните работници да останат безгласни", изјави Борче Божинов од граѓанската иницијатива СТАР.
Од здружението ХОПС велат дека според последното истражување од оваа година, од 310 сексуални работници, 211 или 68,1 процент од испитаниците потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа.
"Загрижувачки е тоа што повеќе од 12 проценти од испитаниците навеле дека барем еднаш биле подложени на сексуално насилство, а 10 посто биле присилени од страна на клиентите да имаат сексуален однос без кондом, спротивно на нивната волја, притоа изложувајки се на ризик од пренесување на заразни болести. Најчести сторители на насилство сексуалните работници ги наведуваат клиентите 87,6 проценти, полицијата 43,1 процент и семејството 28,4 проценти", рече Воскре Наумоска Илиева од ХОПС.
Орагнизаторите потенцираа дека посебно загрижувачка е праксата на неказнување на сторителите на насилството. Приближно 37 проценти од испитаните сексуални работници одговориле дека немаат односно не очекуваат помош од никого, а само 1.3 проценти одговориле дека очекуваат или добиле помош од полиција.