Ekipa
06 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
БОГОТА (АА) - Илјадници Колумбијци маршираа синоќа на улиците на Богота барајќи од политичките структури на Колумбија и левичарските Револуционерни вооружени сили на Колумбија (FARC) да не се откажат од мировниот договор, кој е одбиен на референдумот одржан во неделата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Марш за мир“ преку социјалните мрежи организираа група студенти и општествени движења. Повеќе стотици од нив маршираа тивко, додека некои носеа слики од своите најблиски што настрадале во 52-годишниот судир меѓу владините сили и милитантите на ФАРС.
„Мирот не може да се одложува засекогаш. Време е секој да сфати дека не можеме да ги повторуваме истите грешки како и во изминатите 52 години“, изјави 37-годишниот социолог Карлос Чери.
Протестите се организирани откако колумбискиот претседател Мануел Сантос започна преговори со опозицијата во обид да го спаси договорот за примирје со ФАРК.
Сантос во вторникот изјави дека примирјето меѓу владата и Револуционерни сили на Колумбија (FARC), кое е договорено на 25 август, завршува на 31 октомври.
Иако лидерите на ФАРК истакнаа дека немаат намера да се вратат на бојното поле и ги охрабруваа Колумбијците да го дадат својот глас за поддршка на мирот, не е познато дали се подготвени повторно да ги отворат преговорите.
Командантот на силите на ФАРС, Родриго Лондоно, изјави дека резултатите од референдумот „секако немаат правно дејство“, наведувајќи го фактот дека конечниот договор е веќе постигнат и признат како посебен хуманитарен договор во склад со Женевската конвенција.
Бунтовничкото движење ФАРK се наоѓа на листата на терористички организации во САД и во ЕУ, а станува збор за милитантно движење коешто имаше повеќе од 17.000 вооружени борци, а моментално вбројува околу 7.000 милитанти.
Во изминатите 52 години на судири меѓу владините сили и милитантите на ФАРK, во Колумбија загинаа повеќе од 220.000 лица, а раселени се повеќе од шест милиони жители.