Stipe Mayiç
15 Септември 2017•Ажурирај: 16 Септември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватското здружение на новинарите (ХНД) собра стотици новинари и други медиумски работници на протест на плоштадот „Свети Марко“, против укинувањето на емисиjата „Хрватска во живо“, јавува Anadolu Agency (AA).
Емисијата „Хрватска во живо“ беше емитувана во попладневните часови во работни денови, на првата програма на Хрватската радиотелевизија (ХРТ). Таа се занимаваше со голем број прашања што ги мачат хрватските граѓани, така што нејзиното укинување новинарите го доживуваат како цензура.
Претседателот на ХНД, Саша Лековиќ, рече дека укинувањето на емисијата „Хрватска во живо“ е еден од настаните со којшто Хрватската радиотелевизија покажа дека се претвора во целосна спротивност на јавна телевизија.
„Сите предупредувања што ХНД ги испрати до ХРТ и до политичарите, кои всушност се одговорни за тоа, никогаш не добија повратен одговор“, рече Лековиќ.
Тој предупреди дека се игнорирани предупредувањата испратени во неколку наврати од страна на Меѓународната федерација на новинарите, за состојбата на ХТВ и на медиумите во Хрватска воопшто.
„Политичарите се однесуваат сосема неодговорно и сите кои доаѓаат на власт, ХТВ ја сметаат за свој воен плен“, рече Лековиќ.
Тој посочи дека емисиите на „Хрватска во живо“ во 14-те години емитување им дадоа засолниште на оние граѓани и субјекти кои беа одбиени од другите емисии на ХТВ и на комерцијалните ТВ-станици кои не се занимаваат со такви теми.
Со вувузели и свирчиња, собраните новинари извикуваа „ХТВ срами се!“, а носеа и транспаренти како „Да живее Хрватска во живо“, „Хрватска во живо или ХТВ на мртво“ и други.