Ali Murat Alhas
15 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
ПАРИЗ (АА) - Вчера во Париз демонстрантите се собраа и протестираа против предложениот закон за кој велат дека е дискриминирачки кон муслиманите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Групата се собра на плоштадот „Трокадеро“ за да протестира против нацрт-законот наречен Повелба за републикански вредности.
Ханане Лоукили, една од демонстрантите, за АА изјави дека таа била една од жртвите на исламофобијата во Франција.
Таа изјави дека училиштето што го водела било затворено во ноември со образложение дека не ги исполнува безбедносните стандарди.
Келтума, која само го даде своето име, рече дека затвореното училиште е инклузивно и дека на учениците во овој објект им е одземено основното право на образование.
Таа рече дека училиштето е безбеден простор за девојчињата што сакаат да се облекуваат конзервативно.
Оливија Земор, претседателка на пропалестинската асоцијација „ЕуроПалестин“, рече дека предложениот закон отвора пат за поопасни ситуации бидејќи има потенцијал да ја стави јавноста под контрола и надзор.
Истакнувајќи дека францускиот предлог-закон е сличен на политиката на израелската држава за Палестина, Земор рече дека Франција минува низ невидена социјална и економска криза, а дека муслиманите се земени како жртвено јагне во тој период.
Минатата година, законот беше воведен од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, со образложението борба против таканаречениот „исламистички сепаратизам“.
Законот е критикуван затоа што е насочен кон муслиманската заедница и наметнува ограничувања на речиси секој аспект од нивниот живот.
Предвидува интервенција во џамиите и здруженијата одговорни за администрацијата на џамиите, како и контрола на финансиите на здруженијата и невладините организации што им припаѓаат на муслиманите.
Исто така, го ограничува изборот за образование на муслиманската заедница со спречување на семејствата нивните деца да се образуваат од дома.
Предлог-законот исто така им забранува на пациентите да избираат лекари врз основа на пол од религиозни или други причини и го прави задолжително „образованието за секуларизмот“ за сите јавни службеници.