Vesna Besiç
15 Септември 2017•Ажурирај: 16 Септември 2017
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денес се состана со европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, со кој разговараше за европскиот пат на Србија, ситуацијата во регионот и за дијалогот со Приштина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ истакна дека полноправното членство на Србија во ЕУ претставува надворешнополитички приоритет на Србија.
„Сметаме дека местото на целиот регион е во ЕУ и оти без вклучување на Западниот Балкан во заедничкиот економски и политички простор, европскиот континент нема да биде целосен“, рече претседателот на Србија.
Тој го поздрави пристапот на ЕУ, според којшто вреднувањето на напредокот на секој кандидат се врши врз основа на индивидуалните заслуги.
Почитувањето и примената на принципот на владеење на правото, според неговите зборови, се вбројуваат во редот на нивните основни политички приоритети.
„Ќе направиме сѐ за своите обврски да ги исполниме во што поголем процент до наредните извештаи на Европската комисија за исполнување на преземените обврски за овие поглавја, кои се планирани за ноември“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија го гледа јакнењето на регионалната соработка на Западен Балкан како една од основните механизми за продолжување на политиката на помирување во регионот и за забрзување на остварувањето на стратешката надворешнополитичка цел на Србија, а тоа е членството во ЕУ.
Во текот на состанокот, константирано е дека е остварен значителен напредок во спроведувањето на акционите планови за поглавјата 23. и 24. Изразена е надеж дека средбата на Вучиќ со високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и со приштинската страна во Брисел ќе дадат соодветни резултати во преговорите со Приштина.