Admir Fazlagic
15 Септември 2017•Ажурирај: 16 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Бројот на превезени патници на двата аеродроми во Република Македонија во континуитет бележи раст, а најзастапена дестинација е турскиот град Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за транспорт и врски на Република Македонија информираше дека од месец јануари заклучно со месец август 2017 година, од двата аеродрома во Република Македонија – аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, превезени се вкупно 1 339 065 патници што претставува зголемување од 10,5 % споредено со истиот период во 2016 година.
„На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во периодот од јануари – август 2017 година регистрирани се вкупно 1 223 630 патници што во споредба со истиот период од минатата година кога биле превезени 1 108 157 патници, се забележува зголемување од 10,4 %. На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид за периодот јануари – август 2017 година, превезени се 115 435 патници, што во споредба со истиот период од 2016 година кога биле превезени 113 431 патници, се бележи зголемување од 11, 6 %", се вели во соопштението.
Од ресорното министерство соопштуваат дека согласно реализација на сообраќајот, најзастапени дестинации според бројот на патници за периодот јануари – август се: Истанбул 12,5 %, Цирих 9 %, Виена 6,6 % и Базел 5,1 %.