Furkan Abdula
06 Август 2020•Ажурирај: 07 Август 2020
СКОПЈЕ
Во Скопје се одржа протестен марш против најавеното зголемување на цената на електричната енергија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните првин се собраа на паркот во скопската општина Чаир, кои потоа мировно маршираа низ скопските улици, а нивна крајна дестинација беше зградата на Владата на Северна Македонија, каде се собраа околу 400 демонстранти.
Омер Фејзулаху, член на Организацискиот совет на мировниот протест во Скопје, во изјава за медиумите нагласи дека прашањето за континуираното зголемување на електричната енергија во земјата е вообичаена загриженост на секој граѓанин без оглед на нивната етничка, верска, социјална или политичка припадност.
„Овој мирен протест има за цел да ја извести Владата на Република Северна Македонија дека трпеливоста на граѓаните заврши“, рече Фејзулаху, нагласувајќи дека сакаат да го кренат гласот против постојаниот пораст на електричната енергија во земјата.
Фејзулаху истакна дека според Сојузот на градежни работници во земјата, за 14 години цената на електрична енергија е зголемена за 230 отсто, додека минималната плата била константна.
„Високите сметки за електрична енергија се причина за многу катастрофи што им се случиле на граѓаните во нашата земја. Затоа, денес сме организирани да кажеме стоп за законскиот грабеж на парите на граѓаните од страна на приватните компании за дистрибуција на електрична енергија во земјата“, додаде Фејзулаху.
Тој рече дека имајќи ги предвид спецификите и лошото искуство со приватната компанија за дистрибуција на електричната енергија во земјата, ЕВН, сакаат да се обратат до Владата на Северна Македонија со следните 7 барања:
„Итно поништување на последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на цената на електричната енергија; Владата да ја распушти Регулаторната комисија за енергетика, тело што им служи на интересите на деловните групи и корпорации на грбот на граѓаните; Формирање на независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги;
Владата да го врати приватните компании за дистрибуција на електрична енергија под државна администрација; Намалување на цената на електричната енергија за 46 отсто, и тоа отстранување на 33 отсто од цената за ангажираната моќност која од пред неколку години во сметката на електрична енергија беше посебна компонента и потоа вклучена во општата цена, како и намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто;
Владата на Северна Македонија итно да го раскине неславниот договор со ЕВН, приватниот дистрибутер на електричната енергија во земјата, кој со години го злоупотребуваше монополот даден од Владата;
Простување на сите камати од сметките на ЕВН што граѓаните досега не ги платиле, бидејќи сметаме дека високите сметки генерирани од ЕВН се главната причина за нивно неплаќање. Каматата за тие астрономски сметки ја сметаме за незаконски и легален грабеж“.
„Овој протест е само почеток и ве уверуваме дека нема да се откаже од нашите барања се додека не бидат исполнети. Нека овој протест биде и порака до сите оние политичари кои ќе бидат на власт дека од сега понатаму секоја одлука што ќе ги наруши правата на граѓаните ќе биде спротивставена со протест на граѓаните“, додаде Фејзулаху.
Потсетуваме, на 31 јули Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на Северна Македонија соопшти дека цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар од септември ќе се зголеми за 7,42 отсто, а граѓаните и понатаму ќе можат да ја користат евтината тарифа во истите период како и досега.
По ваквите најави на Регулаторната комисија за енергетика реагираа синдикатите, граѓанските здруженија како и одредени политички партии во земјата.