Admir Fazlagic
07 Август 2020•Ажурирај: 09 Август 2020
СКОПЈЕ
Најголем број од родителите/старателите, односно 68,7 отсто од испитаниците, би избрале комбинирана настава со физичко присуство и онлајн, а речиси една третина од родителите не би го избрале овој метод на учење за нивните деца. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето кое го спроведе Детската амбасада „Меѓаши“, за ставовите на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Драги Змијанац, претседателот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ од Скопје, рече дека целта на истражувањето е да се согледаат ставовите, мислењата и препораките на родителите, бидејќи сметаат дека е клучно тие да бидат земени предвид при носење какви било одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата во наредната 2020/2021 учебна година.
„Она што морам да го нагласам и што е најважно досега од сето ова што го забележав е дека повеќе од две третини од родителите/старателите, во проценти 68,7 од испитаниците, прифаќаат и би избрале комбинирана настава со физичко присуство и онлајн, а речиси една третина не би го избрале овој метод за учење на нивните деца. Нешто повеќе од половина, околу 52,4 проценти од испитаниците, би потпишале согласност нивните деца да одат во училиште секој ден“, истакна Змијанац.
Тој додаде дека повисок степен за потпишување согласност нивните деца да одат на училиште секој ден се родители кои се невработени и вработени во приватниот сектор.
Претставувајќи ги резултатите од истражувњето, тој рече дека ставот и перцепецијата на речиси половина од испитаниците, односно кај 47,3 проценти е дека досегашната онлајн настава од далечинско учење, делумно ги задоволува потребите на учениците. За доста висок процент испитаници, 43,6 проценти, овој метод на настава воопшто не ги задоволува потребите на учениците. Онлајн наставата ги задоволува потребите на учениците само за 9,2 проценти. Високи 57,6 проценти од испитаниците забележуваат негативни промени кај своите деца како последица од онлајн наставата.
Истражувањето покажало дека речиси една третина, односно 31,4 од испитаниците не забележуваат никави промени кај своите деца во периодот на онлајн наставата, а само 11 проценти од испитаниците забележале позитивни промени кај своите деца за време на онлајн наставата.
Исто така, како еден од поважните резултати од истражувањето, Змијанац го истакна тоа што најголем дел од испитаниците, или 58,2 проценти сметаат дека нивните деца преку онлајн наставата се стекнале со подобри оцени, но со помалку знаење.
„Генерално земено, резултатите покажуваат дека иако родителите имаат различни ставови за прашањето каков тип настава треба да започне од септември, карактеристична е заедничката грижа за здравјето на децата на сите родители и старатели, и без оглед дали наставата ќе биде онлајн, во училиште или комбинирана, најважно им е децата да се здрави и сигурни. Ова сакам да остане како порака испратена до чинителите кои ги носат одлуките, да го слушнат гласот на родителите, размислувањата и очекувањата за претстојната учебна година која е пред нас“, истакна Наташа Павичевиќ Стојменовска, која работела на овој проект како истражувач.
Истражувањето било реализирано врз основа на Анкета – спроведена на национален репрезентативен примерок, по случаен избор, онлајн, во периодот од 22 јули до 3 август со опфат на 1.003 испитаници.
Потсетуваме, министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на 10 март оваа година соопшти дека со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), Владата донесе одлука за прекинување на воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта, како и наставната дејност во високообразовните институции.
Наставата со далечинско учење поради состојбата со коронавирусот во земјата, продолжи до 10 јуни, односно до крајот на учебната година.