Besar Ademi
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на кампањата „Помош за Алепо“, за бегалците кои се сместени во камповите во пограничната зона на Турција со Сирија, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и граѓанското здружение „Легис“ оваа недела во Македонија ја прогласија за „Недела на солидарност со сириските деца-бегалци“, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден дел од кампањата е насочен кон прибирање парични средства од граѓаните и од деловниот сектор, а другиот дел кон подигање на свеста, особено кај помладата генерација. Целта на кампањата е да се подигне свеста кај младите во образовните институции за состојбата во која се наоѓаат нивните врсници од Сирија, како и за потребата за солидаризација и помагање на луѓето кои страдаат поради војна.
Директорот на детската амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац рече дека децата и младите луѓе во Македонија треба да се информираат за тоа како да им се помогне на луѓето во неволја преку хуманитарни акции, како и за сите начини на кои може да се изрази солидарност. Тој апелираше до училиштата во земјата барем еден час од наставата да се посвети на оваа тема.
„Оваа кампања е со намера граѓаните во Македонија да дадат свој придонес. Македонија одговорила на сите воени кризи коишто се случиле на овие простори, како и на децата погодени од овие војни“, изјави Змијанац, кој потсети на војната во Босна и Херцеговина, војната во Косово, конфликтот во Македонија во 2001 година и последната криза со бегалците, во текот на кои, според него, Македонија се грижела за десетици илјади деца и возрасни бегалци во камповите изградени на територијата на Македонија.
Во меѓувреме, претседателот на Здружението „Легис“, Јасмин Реџепи побара и од медиумите да се снимаат дебатни и образовни емисии и емисии за деца во врска со ситуацијата во која се наоѓаат бегалците, особено децата. Тој рече дека на територијата на Република Македонија во моментов остануваат заробени околу 130 бегалци, од кои 50 се наоѓаат во камповите за бегалци во Гевгелија и на Табановце, додека другите се во центарот за азил во скопско Визбегово.
„Транзитните центри што ги имаме се едни од најдобрите на Балканот. За жал најголемиот проблем е тоа што тие луѓе немаат слобода, децата немаат образование. Тие деца не можат да одат во Куманово и во Гевгелија со цел да го продолжат своето образование. Со речиси цела година престој во Македонија, децата изгубија две академски години“, истакна Реџепи.
Граѓаните ќе имаат можност онлајн да донираат финансиски средства, но и во кутии подготвени и дистрибуирани преку повеќе фреквентни супермаркети, како и на жиро-сметката што ќе биде објавена во дневните и во неделните весници. Целта е со собраните средства да биде испратена заедничка симболична хуманитарна помош од страна на граѓаните на Република Македонија за децата бегалци од Сирија.