Ivana Ramadanova
26 Февруари 2017•Ажурирај: 27 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со повеќе настани денеска беа одбележани 13 години од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во близина на Мостар заедно со осумчлена делегација од неговиот кабинет, јавува Anadolu Agency (AA).
На градските гробишта во Бутел во Алејата на великаните, цвеќе положија членови на семејството на претседателот Трајковски, делегации од Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, државни институции, политички партии, претставници на дипломатскиот кор и здруженија на граѓани положија цвеќе.
Истовремено почит им беше оддадена и на членовите од Кабинетот на Трајковски кои загинаа во авионската несреќа.
Годишнината од смртта на претседателот Трајковски беше одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
- Мостар: Одбележани 13 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски -
13-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски е одбележана и со положување венци пред Спомен-обележјето на ридот Матиќ над Мостар, каде што претседателот заедно со соработниците и членовите на екипажот загина во авионска несреќа на пат кон Мостар на Меѓународната инвестициска конференција.
Почит на трагично загинатиот претседател му оддадоа раководството на градот Мостар, заедно со претставниците на повисоките нивоа на власта во Босна и Херцеговина и на дипломатскиот кор од БиХ и од Република Македонија, со голем број здруженија на Македонците од БиХ и од регионот.
Заменикот на македонскиот министер за економија, Христијан Делев, нагласи дека претседателот Трајковски се залагаше за широка поддршка на регионот.
„Претседателот Борис Трајковски беше човек кој се залагаше за широка соработка во регионот. Неговите пораки живеат и денес", рече Делев.
Претседателката на Здружението на Македонците „Браќа Миладиновци“ од Сараево, Емица Ниами-Албантиќ, истакна дека претседателот Трајковски беше маркантна личност во регионот, ценет од сите.
„Тринаесет години по несреќата ние уште се сеќаваме на неговиот лик, се сеќаваме на неговите дела. Тој беше човек со широк поглед, тој беше човек кој не мислеше само за Република Македонија, туку и за целиот регион. Човекот кој имаше идеја да го обедини регионот економски. Тој беше за соработка, човек кој имаше широк дијапазон на мисли и зборови“, рече Ниами-Албантиќ.
Претседателот Борис Трајковски заедно со осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар загина во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година.
Во авионската несреќа покрај претседателот Трајковски, животите ги загубија и портпаролот на Претседателот, Димка Илкова Бошковиќ, советниците на претседателот Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот Марко Марковски и Бранко Ивановски.