Ivana Ramadanova
09 Февруари 2016•Ажурирај: 10 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Мирен протест во чест на малата Тамара се одржа денес пред Основното јавно обвинителство во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Група граѓани кои заедно со мајката на Тамара Димовска од Велес, денеска, точно по годишнината од нејзината смрт го изразија својот револт пред зградата на Јавното обвинителство, барајќи одговорност од сите инволвирани во случајот на чело со министерот за здравство Никола Тодоров.
Жаклина Димовска, мајката на малата Тамара изјави дека е жално што дури и по една година од смртта на нејзината ќерка, сторителите не се познати. Таа порача дека иако Јавното обвинителство се обидува да ги скрие главните виновници, јавноста добро знае дека главниот виновник е министерот Тодоров.
„Една година ви беше малку за да сработите нешто. Точно е дека има многу осомничени, но првиот човек го заборавате. Зошто оној кој им наредуваше на сите го изземате од случајот. Зошто министерот Тодоров сè уште седи во таа фотелја и зошто не им помогнете на децата кои се нашата иднина”, изјави мајката на Тамара, Жаклина Димовска.
На протестот присуствуваше уште еден родител кој исто така побарал од државата помош за лекување на неговата 11-годишна ќерка, која за жал ја има истата болест како Тамара. Фадула Салиу вели дека и покрај тоа што двапати досега побарал помош за неговата ќерка Ханита, бил одбиен со образложение дека маната била вродена.
„Случајот на Ханита е ист како тој на Тамара. Таа има искривување на пршлените и ако оваа година не добие помош, количка не ѝ бега. Досега четирипати сме биле во Анкара и сè е на наш трошок. Повеќе немаме сили. Операцијата колку што знам чини 20.000 евра. Испративме барања до фондот, но двапати нè одбија”, изјави Салиу.
На протестот присуствуваа и активистите кои го запрашаа Јавното обвинителство зошто дури сега се огласи за прв пат, откако во јавноста беше најавен протестот токму на годишнината од смртта на Тамара?
„Тамара ве среќаваше сите со насмевка. Тамара побара од Министерството за здравство со насмевка да добие пари, 30 илјади евра, за да може да се оперира. Тие пари ги доби 2 дена по смртта”, изјави активистот Огнен Јанески.
Една година откако почина малата Тамара, Јавното Обвинителство сè уште се нема изјаснето по кривичните пријави против одговорните за нејзината смрт. Деветгодишната Тамара Димовска боледуваше од сколиоза, но како непосредна причина за смртта од Судска медицина ја наведоа бронхопневмонијата.