Nour Mahd Ali Abu Aisha,Zeynep Hilal Karyağdı
03 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
ГАЗА (АА) - Министерството за здравство на Палестина соопшти дека здравствениот сектор во Газа се соочува со длабока криза поради недостиг на лекови и медицинска опрема, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-министерот за здравство на Палестина, Јусуф Абу Риш, на конференцијата за медиуми во Газа изјави дека нема доволно лекови во магацините на министерството.
Предупреди дека во такви околности здравствениот сектор во Газа може целосно да пропадне.
Тој, исто така нагласи дека во моментот им недостигаат 50 проценти од основните лекови, додавајќи дека не се во можност да извршат 50 отсто од медицинските прегледи.
„Потрошени се повеќе од 75 проценти од лековите кои ги користиме против ракот. Болниците во Газа веќе не може да пружат услуги на пациентите со рак", вели Абу Риш.
Тој додаде дека во болниците биле потрошени млеко и детска храна предвидени за децата и новороденчињата.
„Околу 70 отсто од децата во Газа страдаат од анемија како и 40 отсто од бремените жени", рече Абу Риш.
Тој посочи дека од почетокот на април до сега тие мораа да одложат околу 4.500 хируршки зафати поради недостаток на медицинска опрема и лекови.
На крајот додаде како дошле во ситуација каде што веќе не можеле да обезбедат храна за пациентите во болниците, нагласувајќи дека кризата никогаш досега не достигнала до ова ниво.
Апелираше до меѓународната заедница и до сите хуманитарни организации да обезбедат помош и поддршка за решавање на проблемите во здравствениот сектор во Газа што е можно поскоро.