Michael Hernandez
03 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес за првпат го посети Стејт департментот по повод официјалното положување заклетва на Мајк Помпео на функцијата државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијалната заклетва се случува помалку од една недела откако Сенатот ја одобри одлуката за именување на Помпео за нов американски државен секретар.
Помпео, кој претходно ја предводеше ЦИА (Централната разузнавачка агенција на САД), ја презема функцијата од поранешниот државен секретар, Рекс Тилерсон, кој беше одненадеж беше отпуштен од Трамп преку Твитер.
Трамп го поздрави својот прв дипломат, обраќајќи му се на Помпео: „Не се сомневам дека ќе ја направите Америка горда како главен дипломат на нашата нација“.
Обраќајќи им се на вработените во Стејт департментот, Помпео истакна дека сака „Стејт департментот да ја врати својата гордост“, бидејќи се соочува со голем број прашања од надворешната политика, вклучувајќи го и историскиот состанок помеѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, како и во врска со одлуката на Трамп дали ќе ги задржи САД како страна во нуклеарниот договор што го потпишаа светските сили со Иран. Трамп постави краен рок до 12 мај за да донесе одлука во врска со тоа.
Помпео ќе мора да се справи со предизвиците со дипломатскиот кор, кој се соочуваше со оставки, пензионирања и отпуштања.
Трамп е бавен во однос на номинирањето замени, а и оние кои се номинирани се соочуваат со тешкотии во добивањето потврда од Сенатот. Во целина, Стејт департментот има 43 слободни места на помошници секретари и други високи функционери, според веб-страницата на Стејт департментот.
И покрај намалената работна сила, Помпео брзо ги наведе дипломатските предизвици што претстојат, посебно осврнувајќи се на напорите на САД за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
„Токму сега имаме неповторлива можност да го смениме текот на историјата на Корејскиот Полуостров“, рече тој, додавајќи: „Го нагласувам зборот можност. Ние сме во почетните фази од работата и исходот, секако, сè уште е непознат“.
„Време е да го решиме ова еднаш засекогаш. Лош договор не е опција. Американскиот народ смета на нас да го реализираме ова правилно. Ние сме посветени на трајното, потврдливо, неповратно сопирање на севернокорејската програма за оружје за масовно уништување, и да се стори тоа без одлагање“, додаде Помпео.