Michael Hernandez
08 Март 2016•Ажурирај: 09 Март 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Некогашниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, вчера соопшти дека нема да се кандидира за претседател на САД како независен кандидат, јавува Anadolu Agency (AA).
Како главна причина за својата одлука, Мајкл Блумберг го истакна стравот дека со тоа би можел да им ги одземе гласовите на демократските кандидати а со тоа би им помогнал на Трамп или на сенаторот Круз во трката за претседател на САД.
„Тоа не е ризик кој би можел да го земам со добра совест. Трамп водеше најподелена и најдемагошка претседателска кампања на која можам да се сетам, која се храни со човечки предрасуди и стравови”, напиша Блумберг во колумна објавена на неговата официјална страница.
„Абрахам Линколн, таткото на Републиканската партија, апелираше на нашите ,подобри ангели', Трамп апелира на нашите најлоши импулси”, додаде поранешниот градоначалник на Њујорк.
Осврнувајќи се на најавата на контроверзниот републикански кандидат дека ќе го блокира влезот во САД за сите муслимани, Блумберг истакна дека станува збор за „непосреден напад на двете основни вредности кои ја воздигнаа нашата нација: верската толеранција и одвојувањето на црквата од државата”.
Се осврна и на другиот републикански кандидат, Тед Круз:
„Неговото одбивање да се спротивстави на најавените забрани за странците врз основа на нивната верска припадност е помалку бомбастично од Трамповата позиција, но воопшто не е помалку базирано врз поделба”, напиша Блумберг.
Американските медиуми наведуваат дека Блумберг нарачал голем број истражувања кои откриле дека нема големи шанси во својата кандидатура, што сигурно била додатна мотивација за ваквата одлука.
„И да освоев најголем број гласови, победата би била многу тешка, со оглед на тоа дека членовите на Конгресот гласаат за своите партиски кандидати”, истакна тој.
Пред да стане независен кандидат, 74-годишниот политичар беше член на двете најголеми американски партии.