Esra Kaymak,Michael Hernandez
30 Декември 2015•Ажурирај: 31 Декември 2015
ВАШИНГТОН (АА) - Администрацијата на Обама во петокот ги отфрли тврдењата дека американските шпиони ги прислушкувале и следеле турските власти. Негирањето се случи неколку часа откако весникот "Волстрит журнал" објави дека САД ја надгледува работата на некои од своите сојузници во НАТО, вклучувајќи ги и турските власти, јавува Anadolu Agency (AA).
"Никогаш не сум слушнал такви тврдења", изјави портпаролот на Стејт Департментот, Марк Тонер.
"Нема да зборувам понатаму за тоа кои би можеле да бидат нашите разузнавачки активности и не зборувам за Турција се разбира, но во целина, Турција е ценет сојузник на НАТО". Како дел од коалицијата во борбата против ДАЕШ, САД го цени придонесот и учеството на Турција во овој контекст", рече Тонер.
Тој додаде дека САД го промени пристапот во однос на надзорот, откако поранешниот изведувач на НСА, Едвард Сноуден, во 2013 година, објави повеќе операции за шпионажа на Разузнавачката агенција. Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Нед Прајс, изјави дека претседателот Барак Обама и дал инструкции на својата администрација да се воздржи од следење на комуникациите на лидерите на сојузничките земји.
"Шефовите на државите и владите со кои ние тесно соработуваме, треба да се чувствуваат сигурни дека ние нив ги третираме како вистински партнери", одговори на прашањето на новинарот на Anadolu Agency (AA).
Сноуден имаше објавено информации дека НСА со години ги прислушувала разговорите на германската канцеларка Ангела Меркел, нејзините најблиски советници и персоналот. По објавувањето на оваа информација односите меѓу Германија и САД беа значително затегнати.