Ilgın Karlıdağ
08 Март 2016•Ажурирај: 09 Март 2016
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на Европската унија се сложија со широкиот дијапазон предлози од страна на Турција за решевање на мигрантската криза, но рекоа дека им е потребно повеќе време со цел да состават конечен план, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерите на ЕУ ќе ја продолжат дискусијата за планот на следниот самит планиран за 17-ти и 18-ти март.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави по вчерашниот самит на Европската унија - Турција во Брисел, дека членките на ЕУ се сложиле со шест точки од предлогот кој го изнела Турција, вклучувајќи го враќањето на сите нерегуларни мигранти, забрзување на процесот на визна либерализација за турските државјани и делење на товарот на сириските бегалци.
Делегацијата од Анкара бараше укинување на визниот режим за своите државјани до крајот на јуни и уплата на три милијарди евра за потребите на згрижување на сириските бегалци во Турција.
Според турскиот предлог, во кој имаше увид новинарот на АА, таа земја од 28-члениот блок држави побара поделба на товарот во врска со сириските бегалци базиран на формулата „за секој Сиријец вратен од страна на Турција од грчките острови, друг Сириец ќе биде пратен од Турција во земјите од Европската унија”.
Премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, изјави на конференција за новинарите во Брисел по самитот, дека предлогот за „распределба на товарот” е поднесен со цел да се намали илегалната миграција.
„Нашата главна цел има хуманитарна природа. Не сакаме да видиме жени и деца како умираат во Егејското Море”, рече Давутоглу.
Турција прими најголем број сириски бегалци од сите држави во светот и досега на нивно згрижување има потрошено над седум милијарди евра, потврди Европската комисија, во извештајот објавен минатата година.
Според предлогот поднесен на самитот на ЕУ, Турција експедитивно би ги прифатила сите илегални мигранти кои преминуваат на грчките острови од Турција, без оглед на моменталните обврски кои ги има како земја според меѓународното право.
„Оваа реадмисија ќе биде од привремен карактер и само за хуманитарни потреби”, се наведува во предлогот.
Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, им изјави на новинарите во текот на вчерашниот самит дека Европскиот парламент е подготвен да отвори расправа за забрзување на процедурата за укинување на визниот режим за државјаните на Турција.
„Либерализацијата на визниот режим е едно од барањата на турската страна во процесот на целосна и длабока соработка”, рече Шулц и додаде: „Ние сме подготвени да разговараме за забрзувањето на таа процедура, почитувајќи ги во потполност правата на Европскиот парламент.”
ЕУ пред одреден период ѝ вети на Турција три милијарди евра за згрижување на сириските бегалци во Турција, паралелно со визната либерализација и забрзување на преговорите за пристапување на Турција.
Во замена, ЕУ очекува од Турција да го прекине ланецот на трговија со луѓе и да го намали приливот на бегалци на европско тло, преку Грција.
Шулц рече дека турското барање за уплата на три милијарди евра бара соработка на Европскиот парламент и зависи од тоа дали ЕУ-членките ќе бидат подготвени „да ги стават парите на маса”.
Турската делегација рече дека вчерашниот самит не бил фокусиран само на илегалната миграција, туку и на пристапувањето на таа земја кон ЕУ.
Според Шулц, тоа било обид да се поврзат тие две нешта.
„Едно нешто е јасно за нас како Европски парламент...Ние мораме да ги раздвоиме преговорите за пристапување помеѓу Турција и ЕУ и сите прашања поврзани со отворањето на нови поглавја во врска со краткорочното управување со бегалската криза”, рече челникот на Европскиот парламент.
„Со цел да го избегнеме приливот на бегалци во Грција, ние мора да соработуваме со Турција”, рече францускиот претседател Франсоа Оланд, објаснувајќи дека Анкара во замена за три милијарди евра, кои би ѝ биле уплатени, би морала да се избори со криумчарите на луѓе и да обезбеди намалување на приливот на бегалци.
„Планот е едноставен кога зборувам вака за него, но е многу тежок за имплементација: безбедноста на надворешните граници, соработката со Туција и солидарноста со Грција, за тоа ќе се бори Франција”, рече Оланд.