Besar Ademi
07 Март 2016•Ажурирај: 08 Март 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Во прифатниот центар за бегалци во Идомени, од вкупниот број на бегалци кои чекаат да влезат на територијата на Македонија, 45 отсто се деца, односно околу 4.500 бегалци се деца кои не знаат што ќе се случува со нив во иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
Екипата на АА ги следеше животите на децата-бегалци во Идомени, на чии очи се забележува замор, тага и страв. Тие велат дека им недостига животот во нивната татковина и поради оваа причина тие сакаат да се вратат повторно таму, но по завршувањето на војната.
„Ние од Сирија со моето семејство дојдовме тука и сакаме да одиме во Германија. Ми недостига татковината, сакам да се вратам, но таму има војна и не можеме да се вратиме. Ако заврши војната јас дефинитивно ќе се вратам, но постојано има војна, војна и војна, никогаш не завршува. Ние не сакаме да си играме со нови другарчиња, ние само сакаме да ја премине границата”, рече Зијад, 11-годишен Сириец кој веќе десет дена заедно со родителите чека да ја премине границата.
„Јас сум многу болна, но не нема лек, нема храна. Времето е многу ладно, немаме каде да спиеме, немаме кревети. Немам ниту другари и немам со кого да си играм. Нема ништо овде и ова место е многу досадно”, рече 8-годишното Сиријче Ролен.
„Ние тука водата и лебот ги купуваме, бидејќи хуманитарните организации ни даваат многу малку храна. Кога паѓа дожд, во текот на ноќта е многу ладно, облеките ни се мокри и не можеме да спиеме сè до утринските часови. Шаторите се мали и се полнат со вода, така да излегуваме надвор, палиме оган и се топлиме”, рече Абдула, 13-годишно дете од Ирак, кое веќе 15 дена е во Идомени.
Хуманитарните организации велат дека немаат средства и капацитет за голем број на бегалци. Во потоплите денови децата минуваат полесно, но во текот на ладните ноќи и врнежи од дожд, тие заедно со своите родители се во малите шатори, надевајќи се на посреќна иднина.