İnci Gündağ
01 Февруари 2016•Ажурирај: 02 Февруари 2016
ЛОНДОН (АА) - Според официјалните податоци на Европол кој ги следи случувањата поврзани со актуелниот бегалски бран кон Европа, над 10.000 деца бегалци исчезнале по доаѓањето и пријавувањето во европските земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Британскиот весник „The Guardian“ јавува дека еден од челниците на Европол, Брајан Доналд, јавно изрази загриженост дека тие исчезнати деца би можеле да бидат жртви на криумчарите и трговците со луѓе.
„Претпоставуваме дека минатата година во Европа стигнале милион бегалци и дека 27 отсто од нив се деца. Без оглед дали се пријавени или не, ние овде говориме за 270.000 деца. Не се сите деца дојдени без придружба, но имаме докази дека голем број од нив дошле самостојно во Европа”, рече Доналд.
Тој потсети дека Европол и претходно предупредуваше дека децата бегалци без придружба би можеле да станат жртви на групите криумчари ширум Европа.
„Не е грешка ако кажеме дека испуштивме над 10.000 деца. Не можеме да кажеме дека сите тие деца се во рацете на криумчарите бидејќи многумина од нив можеби отишле кај роднините. Ние само не знаеме каде се и кај кого се тие деца. Во изминатите 18 месеци се разви криминална инфраструктура која го злоупотребува бранот бегалци во Европа”, рече Доналд.
Според податоците на Европол, во Италија исчезнале 5.000 деца, а во Шведска 1.000 пристигнати малолетни бегалци.
Паралелно со тоа, весникот „Observer“ објави податоци од организацијата „Save the Children” во кои се наведува дека минатата година во Европа стигнале најмалку 26.000 деца бегалци без придружба на старател.