Fatih Erel
22 Декември 2015•Ажурирај: 23 Декември 2015
ЖЕНЕВА (AA) - Меѓународната организација за миграции (ИОМ) денес соопшти дека во Европа, во текот на 2015 година, по копнен и морски пат дошле 1.005.504 бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на ИОМ, 971.289 бегалци успеале да влезат во Европа преку Средоземното Море, додека скоро 3.700 бегалци ги изгубиле животите во морето во истиот период. По копнен пат во Европа пристигнале 34.215 бегалци преку Турција, преку Бугарија и Грција.
Од друга страна, ИОМ наведува дека минатата година во Европа преку Медитеранот стигнале 219.000 бегалци.
"Прогонувањата, судирите и сиромаштијата присилија еден милион луѓе да избегаат во Европа", соопштено е во заедничката изјава на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) и ИОМ.
Се наведува дека секој втор бегалец е од Сирија, Авганистанците чинат 20 отсто од вкупниот број бегалци, додека Ирачаните седум отсто.