Besar Ademi
23 Декември 2015•Ажурирај: 24 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) – Вицепремиерот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, во рамките на иницијативата “Институционални посети“ одржа работна средба со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, јавува Anadolu Agency (AA).
Иплементацијата на идните реформски приоритети согласно последниот извештај од Европската комисија, особено на оние што стојат како забелешка во Извештајот на Прибе, беа предмет на дискусија на денешната средба на вицепремиерот Бесими и министерот Спасовски.
Според вицепремиерот Бесими, согласно последниот Извештај на Европската комисија, важно е на вакви состаноци поконкретно да се разговара во однос на препораките за идните реформски приоритети.
“Денес во Министерството за внатрешни работи ќе се разговара за темите што се однесуваат на идните реформски приоритети на области што се во надлежност на МВР, како и за надлежностите кои произлегуваат од Изборниот законик и гласачкиот список, но и за другите препораки што се однесуваат на надлежностите на МВР“, рече Бесими пред средбата.
Министерот Спасовски истакна дека важна тема, исто така, е и борбата против корупцијата и криминалот во земјата. Тој додаде дека ќе се разговара за воспоставување на оперативно-технички центар за организираниот кримнал.
“Ние како Министерство за внатрешни работи сме најзаинтересирани во овој дел. Следењето на комуникациите да биде уредено, според најдобрата европска практика, со носење нов закон за следење на комуникациите, во кој ќе се дадат механизми за контрола, тогаш навистина ќе имаме систем кој ќе може нормално да функционира за потребите на земјата“, рече Спасовсkи.