????? ????????
11 Јануари 2016•Ажурирај: 12 Јануари 2016
ГЕВГЕЛИЈА/ИДОМЕНИ (AA) – Бегалците и денеска пристигнуваат од Грција во Македонија, каде граничниот премин до вечерните часови го поминаа повеќе од 800 бегалци, кои по процедурата на регистрирање која се извршува во прифатниот центар за бегалци во Гевгелија, со воз го продолжија своето патување кон северниот граничен премин Табановце, јавува Anadolu Agency (AA).
Дејан Кладарин, од Службата за правна заштита за бегалците при УНХЦР Македонија, во изјава за АА, вели дека во последните неколку дена постои тренд на опаѓање на бројот на бегалци кои пристигнуваат во Македонија, а истиот зависи од неколку фактори.
“Изминативе денови имаме нешто помал број на бегалци во однос на месец декември, кога просекот беше помеѓу две до три илјади дневно, во текот на целиот викенд имамве околу 3.180 бегалци. Трендот на доаѓање на бегалците зависи од повеќе работи, од состојбата во Грција, од превозот, дали превозот функционира нормално, од временските услови. Денеска очекуваме малку поголем број на бегалци во однос на вчерашниот ден, кога пристигнаа повеќе од илјада“ , рече Кладарин.
Во последниот период на македонско-грчкиот граничен премин ги нема ни таканаречените економски мигранти, кои доаѓаат од “третите земји”, односно од оние во кои не се војува, а како воени подрачја се прогласени Сирија, Авганистан и Ирак. Кладарин, зборувајќи во својство на службеник во Службата за правна заштита на УНХЦР, вели дека селекцијата според земја на потекло не е во склад со меѓународното право.
“Жалиме поради практиката да се врши диференцијација по тоа кој од која земја доаѓа, бидејќи тоа не е во склад со меѓународното право, не е во склад со правилата кои регулираат заштита на бегалците. Единствен критериум на основа на кој треба да се врши таа разлика е дали некој има потреба за меѓународна заштита или не”, истакнува Кладарин.
Во однос на процедурата откако т.н. економските мигранти ќе дојдат во Македонија, тој вели дека ги запознаваат со можностите да бараат азил во Македонија и доколку не изразат желба за такво нешто, се враќаат во Грција.
“За она што понатаму се случува е тешко да се каже бидејќи се враќаат во Атина, каде што постојат центри. Најдобро би било тоа да се решава во склад со Планот на ЕУ за решавање на кризата, кој се состои од 17 точки, таа диференцијација да не се врши врз основа на националноста, туку дали на некого му е потребна меѓународна заштита или не”, смета Кладарин.
-Економските мигрнати ги нема на граничните премини-
И од грчката страна на македонската јужна граница, во Идомени, повеќе нема економски мигранти, а бегалците поминуваат без поголем застој. Членовите на екипите на УНХЦР во Идомени информираат дека грчката полиција со автобуси ги враќа во Атина, каде што постојат центри за престој. Таму, тие имаат право да побараат азил.
Од УНХЦР велат дека е мал бројот на оние кои поради низа причини се приморани да се вратат во нивните земји, додека оние мигранти кои имаат финансиски можности наоѓаат алтернативни, илегални премини. Денеска во пладневните часови, македонската полиција на македонско-грчкиот граничен премин донесе група од дваесетина мигранти, за кои полицијата рече дека се обиделе со лажни документи за идентификација да ја поминат границата. Тие ѝ беа предадени на грчката гранична полиција која ги презеде останатите мерки.
- Медитеранската рута во 2015 година ја поминале преку милион бегалци, Македонија повеќе од 600-700 илјади-
Во однос на статистичките податоци, Дејан Кладарин од Службата за правна заштита при УНХЦР Македониј, информираше дека во текот на 2015 година преку милион бегалци ја поминале Медитеранската рута, а значителен број од нив и Македонија.
“Цифрата на бегалци кои ја поминале Медитеранската рута е преку милон, од нив значителен дел поминал од Грција во Македонија, Србија и понатаму, што значи дека таа цифра е поголема од 600-700 илјади луѓе. Тоа е еден голем бран на бегалци, од кои повеќето доаѓаат од воено погодените подрачја”, изјави Кладарин, додавајќи дека преку 90 отсто од сите луѓе, не само од Сирија, Авганистан и Ирак, доаѓаат од земјите кои според статистиките на развиените земји се меѓу првите 10 по бројот на признати барања за азил. Овие податоци според Кладарин, се показател дека практиката за диференцијација по националност не е добра.