Furkan Naci Top
28 Февруари 2016•Ажурирај: 29 Февруари 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Илјадници бегалци кои бегаат од војната и сиромаштијата од земјите на Блискиот Исток, во многу тешки услови и на студеното време чекаат во Идомени, во Грција, за да преминат во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако Австрија и одредени земји од Балканот донесоа одлука за прифаќање само одреден број на бегалци дневно, моментално скоро шест илјади од нив чекаат во Идомени со цел да им се овозможи влез во Македонија.
Поради недостатокот на сместувачки капацитети во Грција, многу бегалци на студеното време пропратено со врнежи од дожд, спијат на отворено. Храна за бегалците обезбедуваат воглавно невладините организации. Сепак, тоа количество храна не е доволно, а многумина чекааат во долги редици за својот оброк.
Меѓу мигрантите се наоѓаат и голем број жени и деца. Болните за помош мора да чекаат подолго време. Бегалците често покажуваат и транспаренти со натписите „Меркел, помогни ни” и „Отворете ја границата”.
Бегалците кои се наоѓаат на железничките пруги го оневозможуваат непреченото одвивање на железничкиот сообраќај во Грција.
Откако Австрија соопшти дека дневно ќе прима 3.200 бегалци, Хрватска и Словенија соопштија дека дневно ќе примаат 500 бегалци. Во Македонија може да влезат 300 бегалци на ден што доведе до нагло зголемување на бројот на бегалци во Грција, каде што моментално се наоѓаат околу 25.000.
Минатата година над милион бегалци преку Егејското Море стигнаа во Грција, а во првите два месеца од 2016 година пристигнаа над 110.000 бегалци.