Besar Ademi
01 Март 2016•Ажурирај: 01 Март 2016
ИДОМЕНИ (АА) – На грчко-македонскиот граничен премин, во Идомени, околу 8.500 бегалци од Сирија и Ирак ја поминаа ноќта во тешки услови очекувајќи да го продолжат патот кон европските земји, додека македонската граница во текот на ноќта беше целосно затворена, јавува Anadolu Agency (AA).
Според невладините хуманитарни организации кои дејствуваат на грчката страна, прифатниот центар за бегалци во Идомени е преполн како никогаш досега, со околу 8.500 бегалци. Тие велат дека поради големиот број на бегалци кои веќе се во Грција, како и поради оние кои продолжуваат да пристигнуваат во грчките градови, од граничниот премин Идомени до Солун започна изградба на неколку нови кампови за прием на бегалците, со кои се смета дека ќе дојде до растоварување на сегашната тешка состојба со бегалците, но сепак, како што велат од невладините организации, ова не е трајно решение за проблемот со големиот број на бегалци.
Во текот на ноќта, бегалците, меѓу кои има жени, деца и постари лица, спиеа во нехумани услови во мали шатори, а не е мала бројката и на оние кои ноќта ја поминаа во вреќи за спиење. Од друга страна, можат да се забележат и долгите редици од бегалци кои чекаат да добијат храна и медицинска помош од хуманитарните организации, кои истакнуваат дека следните денови ситуацијата во Идомени ќе се влоши затоа што бројот на бегалците продолжува да расте.