Michael Hernandez
02 Февруари 2016•Ажурирај: 02 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Сенаторот на Тексас, Тед Круз, со 28 отсто освоени гласови на предизборите на Републиканската партија за претседателски кандидат во американската држава Ајова, го престигна бизнисменот Доналд Трамп кој освои 24 отсто од гласовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Од друга страна, предизборната трка во Демократската партија во Ајова ги потврди очекувањата за неизвесна борба бидејќи Хилари Клинтон и сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, останаа на мртвата точка при првото гласање за партиската претседателска номинација.
Според пристигнатите резултати од 95 отсто од бирачките собири одржани во Ајова, Клинтон и Сандерс освоија близу 50 отсто, а Сандерс го прогласи резултатот за изедначен.
Клинтон истакна дека почуствувала олеснување по првото скалило на предизборната трка и додаде дека е возбудена поради тоа што дебатата ќе ја продолжи со сопарникот Сандерс на патот на пронаоѓање најдобри опции за целата нација.
По сознанието дека Клинтон има предност помала од еден отсто, сенаторот Сандерс кажа дека во Ајова започна „политичка револуција”.
Од предизборната трка синоќа се повлече Мајк Хакаби, кој на предизборите на Републиканската партија освои помалку од два отсто од гласовите, како и Мартин О'Мали кој на овие избори во Демократстката партија освои помалку од еден отсто гласови.
Победата на Круз може да се толкува и како одговор на републиканското бирачко тело на бројните контроверзии кои ги предизвика кампањата на мултимилјардерот Трамп, како што беше неговиот повик да им се забрани влез на муслиманите во САД.
Преостанатите 49 држави ќе гласаат подоцна, во вториот предизборен процес кој ќе трае до лето, а потоа своите делегати ќе ги испратат на завршните национални партиски конвенции во јули на кои конечно ќе се одредат демократските и републиканските кандидати за претседателските избори, кои пак ќе се одржат на 8-ми ноември оваа година.
Аналитичарите се согласни дека Ајова не е важна поради занемарливиот број на делегати, туку на симболичен начин го одредува тонот и темпото на предизборите.