Fatih Erel
16 Февруари 2016•Ажурирај: 16 Февруари 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации остро ги осудија вчерашните напади врз болниците во Сирија и порачаа дека тоа ќе се третира како „воено злосторство” доколку се докаже дека постоела намера за таков чин, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Комесаријатот на ОН за човекови права Руперт Колвил, на денешната конференција за новинари во Канцеларијата на ОН во женева, изјави дека Русија или сирискиот режим би можеле да се соочат со тужба доколку се утврди дека тие стојат зад вчерашните напади на училиштата и болниците.
„Доколку се утврди дека постоела намера, вчерашните напади врз болниците и училиштата во Сирија треба да се третираат како воени злосторства. Начинот на кој се изведуваат нападите врз болници и училишта во Сирија покажува дека тоа е една од тактиките кои се користат во таа војна”, кажа Колвил.
Организацијата „Лекари без граници” соопшти дека најмалку седум лица загинаа во вчерашниот напад врз болницата во местото Ма'aрат Ал Нуман во Идлиб, а осум лица се водат за исчезнати.
Паралелно со тоа, Фондот на ОН за помош на децата (UNICEF) соопшти дека пет болници и две училишта вчера беа мета на напади во Сирија.