Ivana Ramadanova
05 Април 2018•Ажурирај: 06 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Центарот за управување со промени, денеска во Скопје се одржа конференцијата „Итни потреби и приоритети за унапредување на услугите во социјалната дејност и јавното здравство”, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата беа претставени резултатите од истражувањето на јавното мислење за социјалните и здравствените услуги, кое за потребите на проектот „Следење на административната правда”, финансиран од Британската амбасада, го спроведе агенцијата М-Проспект на репрезентативен примерок испитаници, во периодот од 9 до 23 октомври 2017 година.
„За жал, многу граѓани сметаат дека голем дел од овие политики мора да се модифицират, дека не се доволни и дека се потребни итни мерки. Интересен е податокот дека граѓаните најмногу се задоволни од квалитетот, но најмалку се задоволни од квалитетот на услугите што ги добиваат возрасните лица. Во областа на здравството пак, од една страна, граѓаните велат партиципацијата којашто ја плаќаме во делот на обезбедување на здравствените услуги е критична бидејќи плаќаме по неколку пати, но од друга страна, состојбите во здравството укажуваат дека се неопходни инвестиции. Што се однесува до здравствената помош, граѓаните сметаат дека овие услуги треба да бидат подостапни и во руралните средини, не само во урбаните“, истакна извршниот директор на Центарот за управување со промени, Неда Малеска-Сачмароска.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешната конференција истакна дека системот на социјална заштита веќе подолго време е нефункционален, додавајќи дека тие како институција веќе работат за подобрување на тој систем.
„Овие мерки што инсистираме да се воведат до крајот на 2018 година, ќе значат директно поврзување на центрите за социјална заштита со Агенцијата за вработување. Со тоа тие лица ќе бидат три години подложени на преквалификација, доквалификација, и некакво стручно усовршување, за да може понатаму уште две години да вложуваме во нив и да можат да бидат вработени на различни работни места. Со тоа сметаме дека ќе добиеме нова слика за системот на социјална заштита, којшто во моментов го немаме“, рече министерката Царовска.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, Владата е посветена во спроведувањето на вистинските реформи во здравствениот систем, како преку промена во регулацијата и финансирањето да го исконтролира исходот во лекувањето на пациентите.
„Ние сме посветени на реформирање на сите нивоа на здравствената заштита, од примарната, секундарната и терциерната и сигурно врз основа на светските и европските искуства ставаме акцент на превенцијата, односно на подобрување на патронажните сервиси, со што сервисот ќе биде полесно достапен до граѓаните во нивните домови“, истакна Филипче.
Во рамки на конференцијата беа презентирани и податоци за социјалните услуги за децата и лицата со посебни потреби, за активните мерки за вработување, за висината на пензиите и евентуалната потреба од промена на актуелниот пензиски систем. Центарот за управување со промени ова истражување го спроведе во октомври и ноември минатата година.