Bojana Stojanovic
04 Мај 2018•Ажурирај: 05 Мај 2018
БЕЛГРАД (AA) - Многубројни граѓани од поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија во Куќата на цвеќето во Белград оддадоа почест на некогашниот доживотен претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито, на 38. годишнина од неговата смрт, јавува Anadolu agency (AA).
Граѓани, но и организирани автобуси од Македонија, Босна и Херцеговија, Словенија и Хрватска, од утринските часови пристигнуваа и можеа да се видат знамиња на поранешна СФРЈ,но и букети со цвеќе за гробот на Тито.
Пред Музејот на историјата на Југославија се и беџови со Тито, но и со ликот на неговата сопруга Јованка, како и магнети. Куќата на цвеќето ја посетија и странци, како и средношколци, иако повеќемина од нив, сепак се постари луѓе од простори на поранешна СФРЈ.

Трифун Дуковски (76) од Скопје доаѓа секоја година на 4. мај бидејќи, како што вели „ја почитува личноста на другарот Тито".
„Поради тоа што заслужи по целиот свет и даде голем придонес за масовноста и ослободувањето на многу земји од тоа време. Додека сум жив ќе продолжам да доаѓам тука", наведе тој.
Како што рече тој, секој 4. мај во Куќата на цвеќето доаѓа со синот и две внуки.

Меѓу оние кои дојдоа да одбележат 38 години од смртта на Тито е и Ненад Бјелош (61) од Панчево, кој носи маица со ликот на Тито и знаме на кое пишува „ЈУ Движење - Тито".
„Доаѓав во младоста. Инаку сум учесник на младинските работни акции, додека бев бригадир, водев бригди на гробот на Тито", објасни тој.
Според неговите зборови, Тито заслужи и по 38 години да му се оддава почест, онака како што сегашните власти тоа никогаш нема да го заслужат.
„Ни даде ентузијазм, ни даде знаење, ни даде работни места, ни даде се што е можно, здравство, образование ...", додаде Бјелош.
Со капа-титовка со ѕвезди петокраки, како и со знаме СФРЈ, од Берлин дојдеи Нена Бадалин (57) по потекло од Хрватска.
„Сакам да се знае дека не има се повеќе, доаѓаме од целиот свет", наведе таа.
Бадалин рече дека култот на Тито живее се повеќе и повеќе, посебно „кога ќе видиме во какви држави живееме, каде народот е гладен и сиромашен", мислејќи на сите држави од поранешна Југославија.
Доживотниот претседател на СФРЈ и претседател на Сојузот на комунистите почина на денешен ден пред 38 години. На граѓаните таа вест, со солзи во очите им ја соопшти спикерот на РТВ Миодраг Здравковиќ, а програмата пред неговото обраќање емитуваше црно пола минута.
Тито е погребан четири дена подоцна, а на погребот присуствуваа повеќе од 200 државници од целиот свет.
Куќата на цвеќето на Дедиње во Белград во последните години е претворена во Музеј на историја на Југославија, а од смртта на Тито 1980 година, неговиот гроб го посетиле околу 20 милиони луѓе.