ТЕТОВО (АА) - Во Тетово се одржа свечена церемонија по повод примопредавањеото на училиштата на турската Фондација „Маариф“ (ТФМ), која ќе нуди основно и средно образование во овој град, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата беа присутни министерот без ресор во Владата на Република Македонија, проф. д-р Аднан Ќахил, амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, пратеничката на АК Партија од Баликесир, Сема Кирџи, претседателот на турската Фондација „Маариф“, проф. д-р Бирол Акѓун, политички претставници, претставници на турските и на други организации и институции во земјата и регионот, како и други поканети гости.
Претседателот на Фондацијата „Маариф“, Акѓун, во своето обраќање истакна дека ТФМ е национална фондација основана во 2016 година со посебен закон и дека во последните години отворила училишта во повеќе земји во светот.

„Верувајте дека ниту едно отворање од претходните, не нѐ возбуди толку колку што нѐ возбуди ова училиште кое го отвораме денеска“, рече Акѓун.
Акѓун нагласи дека ТФМ не треба да се меша со други фондации и здруженија кои претходно дошле на овие простори, отвориле училишта, а потоа предизвикале сериозна траума во Турција како што е „15 јули“. Тој образованието го опиша како инвестиција која ја прават за иднината на нивните деца.
Според него, тие немаат некоја скриена агенда од аспект на идеологија, политика и религија.
„Ние имаме единствен приоритет, а тоа е на нашите деца да им нудиме квалитетно образование“, додаде Акѓун, и нагласи дека активностите во Македонија ќе ги реализираат во консултација со Владата на Република Македонија.
Како што рече тој, училиштето во Тетово е првото училиште кое го отвораат во Македонија, но објасни дека во блиска иднина ќе продолжат со отворање училишта и во Скопје.
„На успешните деца кои ќе учат тука, а кои ќе посакаат да се образоваат во Турција, ќе им нудиме стипендија. Исто така, ќе ги зајакнуваме нашите односи со другите образовни институции во Македонија“, истакна Акѓун, упатувајќи благодарност до претседателот, Владата и министрите на Македонија поради нивната помош во насока на добивање лиценца за образование.
„Ова училиште колку што е наше, толку е и ваше“, порача Акѓун.

Тој истакна дека посакуваат децата кои ќе учат тука да бидат пионери во оваа земја. Според него, тие ветуваат квалитетно образование во ова училиште, и упати апел до родителите да ги запишат нивните деца тука.
- ТМВ е институција на нашата држава
Амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, истакна дека за време на високите средби кои ги реализирала од денот на доаѓањето на функцијата амбасадор во земјата, забележала дека прашањето околу предавничкиот напад извршен на 15 јули во 2016 година од страна на терористичката организација ФЕТО сè уште не е добро објаснето.
„На властите им објаснив дека не може да се гарантира дека она што оваа организација ѝ наштети на Турција нема да се случи и во вашата земја. Затоа, со македонските власти дејствуваме чекор по чекор за да се објасни оваа предавничка терористичка организација“, додаде Кара.
Амбасадорката Кара рече дека оваа организација нивните училиште ги именува со имињата на значајните личности на Турција како што се Јахја Кемал Бејатли, Мехмет Акиф Ерсој и Тургут Озал. „Институцијата на нашата земја е всушност училиштето на турската Фондација Маариф“, нагласи Кара, информирајќи дека Турција направила сериозни инвестиции во овие територии во областа на образованието и здравството, и рече дека целта е Турција да се претстави на коректен начин.
„Дојдете заедно да ги запишеме нашите деца тука. Ако вие, мајки, татковци, не сакате утре да израснете еден терорист, дојдете нашите деца да ги запишеме во ова училиште“, рече таа.
- Моќните жени на иднината да растат во овие училишта
Пратеничката Кирџи, нагласи дека единствено што сакаат да направат е да ги пренесат овие силни врски меѓу двете земји до нивните деца.
„Веруваме дека децата кои ќе растат во овие училишта во овие територии во кои со години владееле пријателството и братството, светот ќе го научат за пријателствотото, човештвото и братството“, истакна Кирџи.

Таа упати благодарност до сите кои дале придонес во отварање на ова училиште.
„Посакувам ова училиште да биде полно со повеќе девојчиња, бидејќи јас бев едно девојче кое учеше во тешки услови. Ве молам, образовајте ги вашите ќерки, нека учат во ова училиште. Силните жени на иднината да растат од овие училишта“, нагласи таа, пренесувајќи го поздравот од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
- „Ќе ја уништиме скриената намера на ФЕТО во Македонија"
Министерот Ќахил во своето обраќање се осврна на важноста на начинот како се образоваат децата од мали години на патот кон универзитетот, и ја изрази својата поддршка во оваа насока.
„Ако Фондацијата „Маариф“ се фокусира на квалитетот, уверен сум дека ќе оди напред“, рече Ќахил, додавајќи дека еден народ и една држава може да оди напред само со квалитетно образование.
Ќахил потсети дека на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и турскиот претседател Ердоган е укажана важноста и вредностите на образованието. „Уверен сум дека Фондацијата „Маариф“ ќе се занимава само со образованието. Во минатото јас лично како министер, пратеник, професор, никогаш немав односи со организацијата ФЕТО, и оттогаш знаев дека имаа скриена намера. На овој начин, преку квалитетно образование, пополека ќе ја уништиме скриената намера за Македонија.“
По одржаните говори присутните имаа можност да ги прошетааат просториите на училиштето на турската Фондација „Маариф", за кои добија информации од надлежните и учителите на оваа фондација.