Admir Fazlagic
25 Јануари 2018•Ажурирај: 26 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Пет лица настрадаа во пожар кој утрово зафати приватна куќа во Тетово, јавува Anadolu Agency (AA).
Марјан Јосифовски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Тетово, во изјава за Anadolu Agency (AA) го потврди случајот при што информираше дека во пожарот животот го загубиле пет лица, односно, мајка и четири деца.
„Денеска, околу 5.00 часот во СВР Тетово пријавен е пожар во куќата на 70-годишниот С.З. од Тетово. Во пожарот, животот го загуби 39-годишно женско лице, и четири малолетни лица на возраст од 6, 9,12 и 14 години“, изјави Јосифовски за АА.
Јосифовски информираше дека пожарот се случил во куќа на улицата „Гоце Делчев“ бр.185 во Тетово, при што пожарот го зафатил горниот дел од куќата во која за време на пожарот била мајката со четирите деца, додека сопственикот на куќата, С.З. и неговата сопруга биле во долниот дел на куќата и успеале да се спасат.
Исто така, портпаролот на СВР Тетово истакна дека пожарот е целосно локализиран и ставен под контрола, а засега не се знае точната причина од што избувнал пожарот.
Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово се на местото на настанот, и во соработка со увидната екипа од Полициската станица – Тетово и Противпожарната служба се врши увид.
Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија, неопходни за расветлување на случајот.