ТЕТОВО (АА) – ЏИХАД АЛИУ
Во подножјето на Шар Планина се наоѓа Тетово, еден од најголемите градови во Македонија. Градот изобилува со објекти од османлискиот период, кои со својата масивна градба придонесуваат бројните туристи со задоволство да ги посетуваат.
На македонски „Тетово“, на албански „Tetovë“, е град кој е сведок на различни временски периоди и зазема значајно место во историјата.
За турското потекло на името на Тетово - Калканделен, кој е дел од територијата на Османлиите во 14-от век, постојат повеќе преданија. Како и во останатите румелиски градови, и во Тетово имало голема миграција на луѓе од Анадолија, централна Турција. Мигрантите од тоа време го опишуваат како ‘kalkan gelen’ – (тргнат и пристигнат) и на тој начин со текот времето на градот му го дале тоа име. Според едно друго предание, градот го добива името од терминот ‘kalkan delen’ – (пробивач на штит), бидејќи луѓето кои мигрирале од Анадолија, во градот изработувале оружје.
Од друга страна, се претпоставува дека името Тетово доаѓа откако отпаднала буквата „х“ од старословенскиот збор „хтитово“, кој значи „многу сакано место“. Според албанската верзија, едно предание вели дека градот го добил името според изјавата на Скендер Бег, кој имал осум напади врз градот, на албански “tetë hove” (осум потези).
- Џамија со уникатна убавина – Шарената џамија
Низ градот минува реката Пена. Покрај неа се наоѓа Шарената џамија, која со својата раскошна убавина им го привлекува вниманието на туристите и ѝ пркоси на историјата.
Изградена во 15-от век, во тој период позната како Паша џамија, покрај архитектонската специфичност, со својот внатрешен и надворешен изглед е една од архитектонските дела кои ретко се среќаваат.
Изградбата на џамијата ја овозможиле сестрите Хуршиде и Менсуре, чии турбиња се наоѓаат во дворот на џамијата. Во 19-от век синот на Реџеп Паша, гувернер на Калканделен, Абдурахман Паша, наредува да се извршат големи поправки на џамијата, по што таа го добива денешниот изглед.
Минарето изработено од класични камења од внатрешниот и од надворешниот дел на влезот, декорирани во боја, на џамијата ѝ даваат посебна убавина. Според преданието, за да се заштити живоста на боите кои се користеле во декорирањето, употребени се 30.000 белки од јајца.
На внатрешните ѕидови од џамијата, која има квадратна основа, покрај имињата на пратениците, четирите халифи и внуците на пратеникот Мухамед, Хасан и Хусеин, исцртани се и цртежи од светиот град Мека и градови од Анадолија.
Во услови кога џамијата е полна, за молитва се користи и горната ложа, до која може да се дојде преку скали од надворешниот дел на џамијата, како и балконот на самиот влез од џамијата кој е отворен од три страни.
Покрај џамијата, која е изградена како комплекс, се наоѓа и дом за гости, додека на другиот брег од реката Пена е Стариот Хамам (турска бања).
- Друга творба од османлискиот период е Арабати баба-теќе -
Во градот се наоѓа и Арабати баба-теќето, дело на османлиската архитектура која стотици години продолжува да претставува туристички центар за верниците и посетителите.
Оддалечено од центарот на градот, во подножјето на Шар Планина, на простор од 24.000 метри квадратни, покрај џамијата, во Арабати баба-теќето има дом за гости, фонтана, народна кујна, каравансарај, касарна, стражарска кула, имамска куќа, зикр соба (соба за верски ритуали) и чешма која наликува на лавовско лице.
Бекташи дервишот Абдулмуталиб Бекири, во разговор за АА говореше за теќето.
Бекири, кој ни се претстави како човек кој му служи на теќето и на народот, истакна дека Бекташите во Тетово пристигнале во 13-от век.
Според преданијата, темелите на теќето ги поставил везирот на Султан Сулејман Величествениот, Сервер Али Паша, на 7-ми февруари 1538 година.
Во својата порака за месецот на постот – Рамазан, Бекири упати честитка.
„На сите припадници на исламот им го честитам месецот на постот – Рамазан-и-Шериф и им порачувам како браќа да си помагаме еден на друг. Теќето е отворено за секого. Изминатите години нашите браќа од Турција секогаш организираа настани во теќето. Како што вели поетот Jунус Емре, 'Дојдете да се запознаеме' ”.