Kanyshai Butun
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Москва се надева оти преговорите за Украина ќе продолжат по неодамнешната пауза и потврди дека каналите за комуникација со Соединетите Американски Држави остануваат отворени, пренесува Анадолу.
Говорејќи за рускиот весник „Известија“ на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Песков рече дека рускиот претседател Владимир Путин го разгледал отвореното писмо од украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Во писмото објавено вчера, Зеленски повика на директни преговори со Путин, заобиколувајќи ги американските преговарачи, за кои рече дека остануваат фокусирани на војната во Иран. Украинскиот претседател исто така беше многу критички настроен кон Путин, велејќи дека Русите се чуствуваат сè понепријатно поради војната.
Песков сугерираше дека Путин би можел да се осврне на ова прашање за време на своето обраќање на пленарната седница на форумот во Санкт Петербург подоцна во текот на денот.
Коментирајќи ја американската политика, Песков го опиша ставот на Вашингтон за војната во Украина како истовремено доследен и контрадикторен.
Тој истакна дека американскиот државен секретар Марко Рубио постојано ја потврдува поддршката за Украина, вклучително и континуираната испорака на оружје.
Во исто време, Песков рече дека Русија гледа, како што ја нарече, искрена желба кај американскиот претседател Доналд Трамп и некои членови на неговата администрација да помогнат во решавањето на конфликтот во Украина.