İlayda Çakırtekin
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Францускиот претседател, Емануел Макрон, денес ја нагласи потребата од продолжување на дијалогот меѓу Украина и Русија, со цел да се постигне прекин на огнот и да се дојде до мировен договор, јавува Анадолу.
„Ние секогаш сме ги поддржувале директните преговори меѓу Украина и Кремљ”, изјави Макрон за новинарите по пристигнувањето на Самитот за Западен Балкан во Црна Гора.
„Ќе бидам многу директен со вас: верувам дека денес токму Украина и Русија се тие што можат да постават основи за прекин на огнот и за мировен план“, рече тој.
Потенцирајќи го фактот дека Evropa е еден од најголемите поддржувачи на украинските воени напори тој рече дека континентот може да одигра значајна улога во мировниот процес.
„Европејците, во одреден момент, ќе мора да бидат вклучени на преговарачката маса за мировниот план, бидејќи тоа се однесува на архитектурата за мир и безбедност на самите Европејци, со оглед на географските реалности“, рече Макрон.
Потврдувајќи ја претстојната средба со украинскиот претседател Владимир Зеленски, Макрон изјави дека сите земји учеснички во „Коалицијата на волните“ се исто така поканети во Париз на разговорите што ќе се одржат на 13 и 14 јули.
„Редовно разговарам со претседателот Трамп. Му телефонирав повторно пред пет дена, разговаравме и за Иран и за ова прашање. Му повторив дека Европејците ја преземаат одговорноста, но дека во моментов е неопходен колективен притисок“, додаде тој.
Неговите изјави доаѓаат во време кога и Киев и Москва повторно сигнализираа интерес за преговори.
Во отвореното писмо објавено вчера, Зеленски повика на директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин и изјави дека Украина е подготвена да го почитува прекинот на огнот за време на траењето на преговорите.
Претходно денес, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за рускиот дневен весник „Известија“ изјави дека Путин го разгледал писмото и сугерирал дека ова прашање би можело да биде разгледано за време на обраќањето на рускиот претседател на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург подоцна во текот на денот.
Песков, исто така, изјави дека Москва се надева оти преговорите со Украина ќе продолжат.