ТЕТОВО (АА) - Турската фондација „Маариф“ (ТФМ), со купување на приватното училиште „Woodrow Wilson School“ во Тетово ги започна своите активности во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Мустафа Чалтили, член на Управниот одбор на ТФМ, за новинарите соопшти дека како фондација, ги завршиле сите законски обврски во шест земји на Балканот.
Истакнувајќи дека во учебната 2018/2019 година Фондацијата ќе започне со својата образовна настава во пет земји на Балканот, Чалтили додаде дека во оваа, тековна 2017/2018 година, Фондацијата своите активности ги започнала во косовските градови Приштина и Призрен.

По Одлуката од страна на Владата на Република Македонија и објавата во Службен весник, Чалтили рече дека добиле лиценца за образовни дејности, и додаде: „За првпат во Македонија, во Тетово ќе започнеме со нашата образовна настава. Турската Фондација „Маариф“, доживува уште еден од среќните денови. Се надевам дека ќе ги започнеме активностите во образовната настава во едно многу убаво училиште во Тетово.“
Чалтили изјави дека со купувањето на приватното училиште „Woodrow Wilson School“, Фондацијата „Маариф“, практично и го презела училиштето. Своите образовни услуги, тоа (училиштето) на учениците ќе им ги дава на заштитена површина од 12.500 квадратни метри.
Чалтили, информирајќи ги новинарите за капацитетите на училиштето, истакна:
„Станува збор за многу убаво училиште кое поседува 44 училници, лаборатории по биологија, физика, хемија, природни науки, компјутерска техника и библиотека. Училиштето поседува и интернат со капацитет за 140 лица. Освен тоа, имаме и театарска сцена и сала за конференции. Извонредна спортска сала. Во моментов имаме повеќе од 200 ученици. Училиштето има капацитет од 1.000 ученици и започнавме со активностите за што поскоро пополнување на неговите капацитети. Во мај ќе се одржи тестирање за доделување стипендии. Подготвувајќи убава кампања и пристапни цени за школување, ќе ја започнеме нашата образовна настава во Тетово.“
Чалтили рече дека училиштето ќе одржува часови од претшколска до средношколска настава. Информираше дека наставата до 6. одделение ќе се изведува на албански јазик, а од 7. до 12. одделение, наставата ќе се изведува на англиски јазик. Тој додаде дека за учениците ќе бидат одржувани часови и по турски јазик.
Чалтили истакна дека основна цел на Фондацијата „Маариф“ е создавање добри и квалитетни луѓе и кадри, како во пријателските и братски држави на Балканот, така и во земјите од светот.
„Сакаме да образоваме ученици кои ќе ѝ служат на својата земја, ученици кои ќе работат за својата земја“, рече Чалтили.
Чалтили информираше дека за кус период од 18 месеци, успеале како фондација да ги започнат своите активности во 105 училишта во 21 земја од светот, додавајќи дека Македонија е 22. земја од светот во која Фондацијата ќе ги спроведува своите активности во образованието.

Чалтили изјави дека новото училиште ќе работи под името „International Maarif Schools“, додавајќи дека планираат, освен во Тетово, забрзано да отворат училишта и во другите градови низ Македонија.
- „Секоја инвестиција во образованието, се враќа како квалификуван ресурс“
Салих Сагир, координаторот на Фондацијата „Маариф“ за Балканот, потсети дека Фондацијата своите активности на Балканот ги започнала во 2017 година, додавајќи дека за првпат минатата година отвориле училиште во Косово.
Зборувајќи дека Македонија е втора земја од Балканот во која Фондацијата отвора училиште, Сагир истакна дека од септември 2018 година, Турција ќе може да спроведе квалитетна образовна настава, која ја посакуваат и двете земји. Истакнувајќи дека со училиштето во Македонија, се здобиле со посакуваниот поттик, Сагир рече:
„Се надевам дека со овие чекори што ги започнавме во Тетово, ќе продолжиме и во Скопје, Гостивар и во останатите градови од Македонија. Ова што го правиме овде е показател за нашите инвестиции што ќе ги вложуваме во образованието и во луѓето.“
Сагир истакна дека со ист квалитет, своите активности ќе ги продолжат и во Босна и Херцеговина, Романија и Албанија, истакнувајќи дека секоја инвестиција во образованието, во иднина, на секоја земја ќе ѝ се врати како квалификуван ресурс. Понатаму продолжи дека како фондација, по ова продолжуваат без да ја нарушат стратегијата, истакнувајќи дека од големо значење е што спроведените активности се прифатени од официјалните органи на власта.
Координаторот на Фондацијата „Маариф“ за Балканот, Сагир, на крајот, му посака успешна работа на училиштето, за доброто и на Македонија и на Турција.