Agim Sulaj
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Група студенти од Косово денеска се собраа пред Амбасадата на Северна Македонија во Приштина за да протестираат за полагање на правосудниот испит во Северна Македонија на албански јазик, јавува Анадолу.
Со знамиња и пораки како „За албанскиот јазик не се преговара“ и „Образованието на албански е право, а не привилегија“, студентите и граѓаните одржаа мирен протест пред Амбасадата на Северна Македонија.
Претседателката на Студентскиот совет на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина „Хасан Приштина“, Аолта Бајрами, изјави дека студентите се собрале за да поддржат право што произлегува од законот, а не од политичка волја.
„Со длабока загриженост ги следиме последните случувања околу ускратувањето на правото студентите Албанци во Северна Македонија да полагаат правосуден испит. Денес сме собрани овде, како претставници на студентите, за да изразиме солидарност во врска со ускратувањето на едно право кое произлегува од законот и не произлегува од политичка волја на ниту една политичка партија“, рече Бајрами.
Таа додаде дека студентите имаат право да полагаат испити на јазикот што најдобро го познаваат.
Донарт Хумоли од Студентскиот парламент на Универзитетот во Приштина изјави дека протестот не е против ниту еден народ или држава, туку во поддршка на еднаквоста и јазичните права.
„Јазикот не е само средство за комуникација. Тој е дел од идентитетот, достоинството и можноста на секој граѓанин да учествува еднакво во јавниот и професионалниот живот. Барањето правосудниот испит и другите испити да се одржуваат и на албански јазик не е барање за привилегија, туку барање за еднаквост“, рече тој.
Во текот на минатата недела во Северна Македонија беа одржани протести на студентите Албанци, кои побараа правосудниот испит да се полага и на албански јазик и целосна примена на Законот за употреба на јазиците на сите државни нивоа.