Гаража претворена во музеј: Колекционер од Сивас собрал 1.000 антиквитети за 15 години
- „Многу сум љубопитен, во мене живее ваква слатка болест. Сите антиквари веќе знаат дека само јас купувам предмети, но не ги продавам. Бидејќи сум вистински колекционер, воопшто и не помислувам на продажба
Serhat Zafer, Çetin Karaçoban
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
photo: Çetin Karaçoban / AA
СИВАС
Гаражата на 64-годишниот Реџеп Аслан, кој живее во турскиот град Сивас, полна со антиквитети што грижливо ги собирал веќе 15 години, наликува на мал музеј, пишува Анадолу.
Приказната на Аслан започнала пред околу 15 години, кога вниманието му го привлекле старите предмети што ги користеле неговите пријатели како декор во своите домови, по што почнал и тој самиот да собира антиквитети.
Заситен од брзиот градски живот, Аслан почнал да го поминува летното време на имотот оставен од неговиот татко, во селото Куртоглу во округот Улаш. Гаражата пред неговата куќа, која со текот на времето целосно ја наполнил со стари предмети, денес ја посетуваат претставници на локалните власти, но и многубројни граѓани.
Во разговор за Анадолу, Реџеп Аслан раскажа дека започнал да собира антиквитети пред околу 15 години, откако бил фасциниран од запрежните коли и старите земјоделски алатки што ги видел во дворовите на фармите во центарот на областа.
Фотографија : Çetin Karaçoban/AA
Просторот од околу 120 квадратни метри, кој првично го изградил за гаража, со многу труд го претворил во вистински музеј каде што секој предмет изложен таму, со себе носи вековно минато.
Старите кујнски садови, куќните предмети и земјоделските алатки поседуваат вистинска античка вредност. „На повеќето од нив стојат запишани и самите години на производство. Ова е една голема љубов; прошетав 16 градови за да соберам речиси 1000 историски предмети“, вели тој.
За да ги купи овие експонати, Аслан одвреме-навреме трошел навистина големи суми пари. „Ова хоби има големи материјални трошоци. Човек во животот може да се засити од сè, но во оваа работа очите не можат да ни се наситат. Невозможно е да се одржи чекор со парите за оваа пасија. Тука има најмалку 1000 парчиња, големи и мали, а бројката може да е и уште поголема.“
Фотографија : Çetin Karaçoban/AA
- „Најстариот предмет е црпалка стара 300 години“ -
Аслан вели дека секој што ќе ја посети неговата гаража, којашто самиот ја нарекува музеј, си заминува воодушевен, па додаде:
„На сите што ќе дојдат тука им се допаѓа ова место, навистина уживаат. Тие се среќни, а кога тие се среќни, тогаш и јас сум среќен. Ова е моето хоби и тука го поминувам целото мое слободно време. Ги чистам предметите, ги бришам од прав. Околу 70 отсто од материјалите тука се стари над 100 години. Најстариот меѓу нив е една црпалка стара 300 години. Во нејзината средина има релјефна фигура на камила, а наоколу стојат натписи на османлиски јазик. На рачката има фигури на тигар и елен. На неа е запишано и името на ерменскиот мајстор кој ја изработил. Имам и стар теренски радио-телефон, модел од 1915 година. Тука е и 120-годишниот ѕиден часовник, леана печка од француско производство, руски самовар од 1896 година и радио со грамофон од 1956 година. Еден самовар стар 150 години го купив од еден антиквар во Истанбул, а таму пристигнал дури од Америка. До детал сум запознаен со историјата на секое дело што се наоѓа тука.“
Аслан вели дека предметите ги набавувал од 16 различни градови, пред сè од Истанбул и Анкара:
„Многу сум љубопитен, во мене живее ваква слатка болест. Сите антиквари веќе знаат дека само јас купувам предмети, но не ги продавам. Бидејќи сум вистински колекционер, воопшто и не помислувам на продажба“, вели тој.