Admir Fazlagic
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје, Првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“ одржа прес-конференција на која беше претставен извештајот за работата на СОС телефонот за деца и млади и бесплатната правна помош за 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претставениот извештај, на СОС телефонот во периодот јануари –декември 2016 година се регистрирани 82 контакти, за вкупно 111 деца жртви или потенцијални жртви каде што постои сомневање за можно кршење на детските права и за кои е потребна одредена помош.
Директорот на детската амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац го претстави извештајот за работата на СОС телефонот за деца и млади и бесплатната правна помош за 2016 година.
Тој рече дека прекршувањето на правата на децата при бракоразводните постапки, семејното насилство и питачењето, односно искористувањето на детскиот труд се најчести форми на прекршување на детските права пријавени на СОС телефонот за деца и млади во текот на минатата година.
Змијанац додаде дека најкарактеристични се податоците за 33 деца кои биле потенцијални жртви на прекршување на правото при бракоразводна постапка. Змијанац посочи дека добиле 21 пријава за деца кои се пожалиле дека се потенцијални жртви на семејно насилство.
Во дадениот период, како што наведе, добиле 11 дојави за деца кои питачат и се жртви на експлоатација на нивниот труд.
Според претставениот извештај, од вкупно 82 јавувачи, само 5 се деца, а останатите 77 се возрасни лица, од кои се 3 анонимни и 4 правни лица.
Според возраста на децата чии права се прекршени, 46 се на возраст од 6 до 16 години.
Од 0 до 5 години има 16 деца, од 14 до 18 има 12, додека за 37 деца возраста е непозната.
Според етничката припадност, од македонска се 54, албанска 3, ромска 7 и непозната етничка припадност за 47 деца.
Според нивниот пол, машки се 42, женски 37, а непознато е за 32 деца жртви.
Меѓу другото, Змијанац побара помош од мобилните оператори за хармонизација на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 22 22 со европскиот шестцифрен број за помош и поддршка на деца и млади 116 111 и бројот 116 000, со што оваа линија би влегла во европското семејство на детски линии.
„Потребен е мобилен оператор кој ќе ги сервисира бесплатно сите јавувања на деца од кој било фиксен и мобилен оператор, и тоа е молба до мобилните оператори, на нивната социјална одговорност и на нивните напори да го планираат буџетот во најдобар интерес за децата. Ние сме на располагање нашите ресурси покрај телефонскиот број за деца 116 111, истите капацитети човечки да ги користиме заедно и со отворање на бројот 116 000, тоа е европскиот број за грабнати и киднапирани деца. Имено, знаете дека во Македонија има киднапирани и грабнати неколку деца од пред седум години и тие сѐ уште не се најдени. Можеби ваквиот телефон, доколку го сервисираме, ќе помогне некогаш да се спаси еден детски живот“, истакна Змијанац.
Инаку, СОС телефонот за деца и млади функционра 23 години и досега се регистрирани вкупно 20.537 повици. СОС телефонот за деца и млади 0800 1222 претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и на нивните семејства. Овој телефон за помош и поддршка во текот на сите овие години претставува промотер на детските права.
Со телефонскиот повик, децата можат да добијат помош и информации, стручен совет, психо-социјална поддршка или да разговараат за проблемите со кои се соочуваат, а за кои немаат кому да му се обратат.
За таа цел, стручниот тим на СОС го сочинуваат педагози, психолози, социјални работници, психотерапевти и волонтери од овие профили, кои разговараат за можните алтернативи за решавање на проблемите за кои се јавиле.