Senada Ibraimova
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес е потпишан меморандум за соработка меѓу ЈП „Службен весник на РМ“ и Секретаријатот за европски прашања, со цел меѓусебна размена на законите и на подзаконските акти на Република Македонија, како и размена на примарното и секундарното законодавство на Европската Унија, на македонски и на англиски јазик, јавува Anadolu Agency (AA).
Со потпишувањето на овој Меморандум, двете страни ќе имаат можност да ја унапредат својата основна мисија – обезбедување релевантни ресурси и информации за граѓаните.
Директорот на ЈП „Службен весник на РМ“, Лука Кржалоски, во својата кратка изјава при потпишувањето на Меморандумот истакна дека целта на оваа соработка со Секретаријатот за европски прашања, која патем се воспоставува за првпат, е да им се излезе во пресрет на сите граѓани, стручната јавност, стопанствениците и на правните лица, за да имаат увид во електронската база на податоци доколку имаат потреба од некој закон или подзаконски акт на англиски или на македонски јазик.
„Ова за нашата институција ЈП „Службен весник на РМ“ е важен исчекор со кој ја заокружуваме алката, којашто ни недостасуваше во понудата на нашите услуги, а тоа се преводите на законите на англиски јазик“, вели Кржалоски.
„Една од основните функции на Секретаријатот е подготовка на националната верзија на Европското законодавство. Во тој контекст, го преведуваме европското законодавство, односно сите регулативи и директиви на македонски јазик. На овој начин, граѓаните преку соработката со ‘Службен весник’ ќе можат да ги имаат на увид и да им бидат подостапни сите акти што ги преведуваме на македонски јазик. Освен тоа, преведуваме дел од законите што всушност претставуваат транспонирање на Европското законодавство на англиски јазик, и во тој контекст, овие закони ќе можат да ги најдат понатаму граѓаните во електронската база на ‘Службен весник’“, истакна директорката на Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажеска.
Од „Службен весник“ велат дека пристапот до текстовите со превод на англиски јазик и до законодавството на ЕУ, објавени на електронската база на прописите на ЈП „Службен весник на РМ“, ќе може да се очекуваа од следната недела.