Furkan Naci Top
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
БЕОТИЈА (AA) - Фуркан Наџи Топ - Бегалците од кампот „Инофита“ во грчкиот град Беотија и една година по затворањето на границата кон европските земји секојдневно се борат за опстанок во многу тешки услови, пишува Anadolu Agency (AA).
Бегалскиот камп се наоѓа на 60 километри од Атина, а бегалците од Блискиот Исток, воглавно од Авганистан, Пакистан и од Иран, се жалат на лошите животни услови. Капацитетот на кампот е за околу 600 лица, а две третини од бегалците се деца.
Тие живеат во валкани простории со лоши услови за живот. Поранешниот напуштен магацин е претворен во камп. Пониските катови се предвидени за семејства со деца, додека оние од горниот кат се за самците.
Халиде Вахаб (35) од Авганистан во кампот е пристигната пред седум месеци. Како што кажува, таа на своите две деца не им дозволува да излезат надвор од собите во кои живеат поради нехигиенските услови.
Вахаб за AA раскажа дека се обиделе по различни илегални патишта да го напуштат кампот за да дојдат до некои од европските земји. Исто така, таа нагласи дека во кампот им е загрозено здравјето и имаат недостиг на храна.
„Сѐ е валкано, тоалетот, кујната... Не може да се издржи. Имам чувство дека срцето ќе ми препукне. Навистина сме во тешка состојба“, порача Вахаб.
И 29-годишниот Авганистанец Самим Вафи порача дека условите за живот во кампот се ужасни. Немаат доволно храна ниту топла вода.
„Студено е. Во тоалетот немаме топла вода“, вели Вафи.
Голем број меѓународни организации, меѓу кои и Агенцијата на Обединети нации за бегалци (УНХЦР), состојбата во кампот ја нарекоа патетична и ужасна и ја повикаа грчката Влада да преземе мерки по тоа прашање.