Admir Fazlagic
21 Февруари 2016•Ажурирај: 21 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денес околу пладне кај планинскиот превој Стража се случи физичка пресметка помеѓу навивачите на фудбалскиот клуб Шкендија и навивачите на ракометниот клуб Будуќност од Црна Гора, при што се повредени 11 навивачи на црногорскиот тим и двајца навивачи на Шкендија, потврдија за Аnadolu Аgency (AA) од МВР.
“Денес околу 12:30 часот во непосредна близина на Сретовски мост помеѓу мавровска крстосница и Стража се случила тепачка помеѓу навивачи на “Шкендија” кои организирано со 10 автобуси оделе во Кичево да ги бодрат своите миленици и навивачите на ракометниот клуб “Будуќност” од Црна Гора, кои со два автобуси оделе кон Скопје”, информираат од МВР и додаваат дека во пресметката биле користени различни видови тврди предмети.
“Повредени се 11 навивачи на Будуќност, државјани на Црна Гора од кои двајца посериозно, кои се префрлени на скопските клиники, додека на другите им е укажана помош во гостиварската болница”, додаваат од МВР информирајќи за немилиот настан. Како што известуваат од МВР на повреди се пожалиле и двајца навивачи на Шкендија, на кои им е укажана помош во Кичево, по што биле префрлени во болница во Тетово.
На лице место, полициските екипи извршија увид и беа обавени разговори и со едните и со другите навивачи околу случајот. Исто така, од МВР велат дека три автобуси се оштетени, двата на црногорскиот тим "Будуќност" и еден на тетовската "Шкендија".
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.